Влатко Ѓорчев е назначен за национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси

Покрај позицијата на Ѓорчев, национални координатори ќе има за локална самоуправа, за што е назначена поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, и за безбедност на храна, каде е поставена Верче Мицевска

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, е назначен за национален координатoр за демографија, млади и човечки ресурси, објави БИРН.

Ваквата одлука Владата ја донела на седница одржана минатиот вторник, кога се отвориле три нови позиции за национални координатори. Така, покрај позицијата на Ѓорчев, национални координатори ќе има за локална самоуправа, за што е назначена поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, и за безбедност на храна, каде е поставена Верче Мицевска.

Укината е позицијата национален координатор за кохезија.

Ѓорчев беше пратеник во неколку состави на Собранието од 2006 до 2020 година. Ги промовира политиките за зголемување на наталитетот во земјата и за многудетни семејства.

Претходно, Владата ги назначи Павле Трајанов за национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.

- Реклама -