Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека украинскиот напад врз руската Курска област не успеа да го запре напредувањето на руските сили во Донбас.
– Преместувајќи голем број обучени војници во рускиот пограничен регион, Украина ја ослабна сопствената одбрана и ѝ овозможи на Русија да го забрза напредувањето на истокот од Украина. Целта на непријателот беше да не направи нервозни и загрижени и да ги преместуваме војниците од еден сектор до друг и да ја запреме нашата офанзива во клучните области, пред сè во Донбас. Дали тоа функционираше? Не, наведе Путин на Источниот економски форум во Владивосток.
Тој истакна дека примарна цел на Русија е целосно заземање на Донбас и оти руските сили најбрзо досега заземаат делови од територијата на источна Украина.
Според Путин нападот врз Курск е најголема тактичка грешка на Украина.
– Со преместување на голем број обучени единици во овие погранични области, непријателот ослабе во клучните области, а нашите сили ги забрзаа офанзивните операции, посочи Путин.
Руските сили, кои контролираат 18 отсто од Украина, напредуваат на истокот на земјата откако контраофанзивата на Киев во 2023 година не даде значителни резултати. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека нападот е обид да се префрли војната во Русија со цел да се принуди Путин да постигне мир и да создаде тампон-зона за да ги спречи руските напади врз соседниот регион Суми.
Главниот украински командант, генералот Олександр Сирскиј, изјави дека една од целите на нападот на Курск е да се пренасочат руските сили од други области, пред сè на истокот на Украина во близина на Покровск и Курахов.