На 5 септември започнува кампања на Кикстартер за поддршка на нова епизода на стрипот „Брут“ која ќе ја црта македонскиот стрип автор Здравко Гиров, според сценарио на Канаѓанецот Престон Сквајер (Preston Squire).
Стриповите за Брут или „најтврдиот тип во галаксијата” (Brute: The Toughest Guy in the Galaxy) се научно-фантастични авантури во стилот на „Војна на ѕвездите“ и „Чувари на галаксијата”.
Во главните улоги настапуваат Брут, вонземјанин кој изгледа како кадифено мече, земјанката Роуз која се обидува да преживее во непријателската вселена, како и уште еден вонземјанин, невештиот ловец на уцени наречен Вангард.
Oвој независен стрип-проект на авторот Сквајер од Торонто се финансира преку интернет и за претплатниците нуди и дигитални и испечатени изданија. Првата книга, составена од четири индивидуални приказни, оригинално била илустрирана од цртачот Овен Кинан (Owen Keenan), во 2020 година.
Македонскиот стрип автор Здравко Гиров, дел од здружението за промовирање на стрип културата „МАКСТРИПОВИ“ од Скопје е задолжен за ребрендирање на серијалот.
Новата едиција се планира да содржи 4 епизоди, каде продолжува приказната и се продлабочува запознавањето со светот на Брут.
„Пред сè предизвик за мене е да земам некој навидум заборавен проект и да му дадам ново светло и шанса да заживее. Морам да признаам дека од голема помош е што имаше некаква основа на замислата на писателот. Ми претставува голема чест што и е укажана креативна слобода да му дадам на овој универзум друго лице,“ изјави Гиров за Мета.мк.
При лансирањето на кампањата на Кикстарт заинтересираните ќе може да ја можат да разгледаат дел од интериерот на стрипот и разновидноста на ликовите во карактеристичнот „чист“ стил на Гиров.
Во новата епизода, бездомната Роуз е заглавена без пари на пиратска вселенска станица, а Брут се обидува да помогне така што ѝ бара работа.Во соработка со здружението „МАКСТРИПОВИ“, Мета.мк презентира дел од скиците за студии на ликови на Гиров, а овозможува и ѕирнување во содржината на стрипот во форма на галерија.
Како автор на стрипови Здравко Гиров е познат и како цртач на Нета КоудГрл, а меѓу другото заедно со Давор Драмиќанин има изработено и неколку еколошки стрипови како „Тим Еко“ кои во дигитална форма се достапни на македонски, албански, црногорски и англиски јазик на веб-сајтот на здружението Еко Свест.
Извор: Мета