Стојаноски: Интерпелацијата против Гаши нема врска со реалноста, ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата против претседателот на Собранието Африм Гаши, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница.

Според Стојаноски, интерпелацијата нема никаква допирна точка со реалноста и прекршувањето на собраниските процедури, туку, како што вели е „очајнички коалициски производ на новата коалиција која што ја сочинуваат СДС, Левица и ДУИ“.

-ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи оваа иницијатива најмалку од три причини. Првата е бидејќи нема прекршување во рамките на надлежностите претседател на Собранието водејќи ја институцијата Собрание на Република Македонија. Второ, кога ќе ги видите оние седум причини сите сторители на дела кои што одат во насока на непочитување на законите во МВР како прв пат досега се пронајдени и санкционирани и има за нив постапка. Трето, заради тоа што е несериозна и глупава, затоа што во точка седум и под точките в, г, д  има напишано замислете и основ за интерпелација за паркинг, изјави Стојаноски.

Интерпелацијата, Стојаноски ја спореди со, како што рече, „базен пол со кал каде неколкумина меѓусебе се фрлаат со кал и се исфлекани до гуша и тие имаат заеднички интерес, за единствениот што не е во тој базен, да го извалкаат“.

Стојаноски, меѓу другото, порача дека нема да биде како досега, бидејќи како што нагласи „ВМРО-ДПМНЕ не е должно кон никого“ и дека како Коалиција се должни само на граѓаните кои ги гласале.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

– Не е важно дали некој се вика Африм Гаши, дали е претседател на Собрание, дали се вика Бојан Стојаноски и е пратеник, дали се вика Никола Мицевски, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Изет Меџити, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Христијан Мицкоски, ако се огрешил ќе одговара. Ако направил грешка ќе одговара, затоа што на секој поединец може да му се случи да згреши, ама системот не смее да згреши. Системот нема да затаи. Во оваа држава веќе има систем и тој ќе функционира и во оваа држава ќе има правда за сите, изјави Стојаноски.

Пратеникот Миле Талевски од СДСМ, кој беше прв пријавен за збор на денешната собраниска седница, рече дека пратениците на СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Парламентарната група на коалицијата на ДУИ нема да ја поддржат интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи како што кажа пратеникот на ДУИ Талат Џафери на денешната седница „мотивацијата на подносителите од Левица е неговата етничка припадност“.

Пратениците денеска, во рамки на 13. седница на Собранието расправаат по интерпелацијата на Африм Гаши, поднесена од пратеничката група на Левица. Претресот по интерпелацијата на работата на претседателот на Собранието трае еден работен ден, до исцрпување на пријавените за збор – вкупно 21 пратеник.

- Реклама -