Американски војници нападнати додека шетале во Измир, турската полиција приведе 15 националисти (ВИДЕО)

Група националистички млади Турци вчера физички нападнаа двајца американски војници во западна Турција, соопштија американската амбасада во Турција и канцеларијата на гувернерот на Измир. Во врска со инцидентот приведени се 15 напаѓачи.

Членови на Унијата на турската младина (TGB), младински огранок на националистичката опозициска партија Ватан, физички нападнале двајца американски војници облечени во цивилна облека во градот Измир, се вели во соопштението на канцеларијата на гувернерот.

Нападнатите војници добиле помош од петмина нивни колеги кои го забележале инцидентот. Полицијата интервенирала и ги привела сите 15 напаѓачи, а истрагата е во тек.

Амбасадата на САД во Анкара соопшти дека бродот USS Wasp оваа недела пристигнал во пристаништето на Измир на егејскиот брег.

Портпаролот на Белата куќа изјави дека Вашингтон е загрижен поради нападот, но изрази благодарност што турската полиција ја сфати сериозноста на случајот и веднаш презеде мерки.

TGB објави видео на платформата X, каде се гледа како групата задржува еден човек на улица и му става бела качулка на главата, извикувајќи пораки.

„Американските војници кои ја носат крвта на нашите војници и илјадници Палестинци на своите раце, не можат да ја загадат нашата земја. Секој пат кога ќе стапнете на оваа земја, ние ќе ве пречекаме како што заслужувате’, порача TGB.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Односите меѓу САД и Турција се напнати последниве години поради сојузот на САД со сириските Курди, кои Турција ги смета за екстремисти, и поради турската набавка на рускиот одбранбен систем С-400. Исто така, имаше несогласувања околу војната на Израел во Газа, каде што според властите во Газа се убиени над 40.000 лица, а поради што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро го критикува Вашингтон.

Претходно овој месец, американскиот амбасадор во Турција изјави дека односите меѓу САД и Турција сега се подобри отколку што беа во последно време и ја истакна корисната улога што Турција ја одигра во неодамнешната размена на затвореници меѓу САД и Русија.

- Реклама -