Интерпелацијата на собранискиот спикер Гаши денеска на пленарна седница

Интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши треба да биде разгледана на денешната прва пленарна седница по одморот на пратениците. Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а според најавите, поддршка ќе даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“ нема да дадат поддршка.

Претседателот на Собранието на брифингот со новинарите на 27 август рече дека интерпелацијата ќе биде прва точка на дневен ред на седницата закажана за денеска. Интерпелацијата, како што тогаш изјави, не е политички издржана. Се надева дека на седницата ќе има соочување на аргументи и, како што рече, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапи.

Во изјава за телевизија „Сител“ дадена вчера Гаши рече дека би сакал секој пратеник да гласа и да одлучи по свое сопствено убедување.

– Интерпелацијата е демократска алатка што ни овозможува да даваме отчет пред пратениците и пред граѓаните. Ќе ја почитувам секоја одлука што ќе ја донесе Собранието. Убаво е сите да имаме различни мислења и токму тоа е суштината на демократијата, а би било лошо да има едноумие, систем што го поминале. Среќен сум што има интерпелација за да објасниме некои работи што и беа претставени на јавноста. Ќе образложам се како што било и се надевам дека пратениците ќе одлучат според нивната совест. Имам мирна душа и чиста совест дека со ништо не сум предизвикал таква хистерија во јавноста. Во интерпелацијата во суштина нема ништо дека се прекршени принципите во работењето на Собранието или дека се скратени права на некој пратеник или пратеничка група, туку е за тривијални теми за некои медиуми кои сакаат лајкови и коментари на социјалните мрежи, рече Гаши.

Не гледа дека со нешто ги прекршил овластувањата, посочувајќи дека чесно и одговорно ја врши својата работа како што знае. Убеден е, како што рече, дека вистината ќе излезе на виделина.

Пратеничката група на коалицијата „Твоја Македонија“, како што вчера најави премиерот Христијан Мицкоски, нема да даде поддршка на интерпелацијата. Според Мицкоски, нема никаков основ за интерпелација на Гаши.

– Нашиот став е јасен како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива, изјави вчера премиерот Мицкоски.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Посочи дека  имаат голем број аргументи, зошто нема да дадат поддршка на интерпелацијата за претседателот на Собранието.

– Разликата на водењето на Македонија меѓу оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна, односно тоа веќе и се чувствува и насекаде можете низ Македонија да забележите дека надежта кај граѓаните е дека конечно ќе успееме, дека доста се порази и дека конечно ќе почнеме да победуваме, рече Мицкоски.

И од Координативното политичко тело на коалицијата „Влен“ во неделата по одржаниот состанок информираа дека нема да ја поддржат интерпелацијата затоа што таа според нив е бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација.

– Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси, информираа од коалицијата „Влен“.

Од опозицијата, пак, најавија дека ќе гласаат за интерпелацијата затоа што сметаат дека во изминатиот период тој има направено премногу престапи. Сметаат дека Гаши треба да понесе одговорност за случајот со косовската претседателка на Меѓународниот аеродром Скопје, како и за одењето со службено возило на свадба во Косово.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера изјави дека негов личен став е дека интерпелацијата на собранискиот спикер треба да се поддржи.

– Мојот личен став е дека интерпалацијата за собранискиот спикер треба да се поддржи заради тоа што премногу престапи се направија и во јавноста, ние бевме тие кои ја запознаа за тие работи. Не само ние, институции излегоа и го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување на функционерите, изјави Филипче.

Интерпелацијата за Гаши ја поднесе пратеничката група на Левица и ја заснова на 7 точки. Според Левица, собранискиот спикер работел нестручно, неуставно и неделовнички и ја повредил секуларноста на државата бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите. Во интерпелацијата е наведен и случајот со косовската претседателка, а според Левица, собранискиот спикер направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја дал како веќе избран претседател прво ја кажал на албански, а не на македонски јазик.

- Реклама -