За прв пат откако талибанците ја презедоа власта, авион за депортација во Авганистан утрово полета од аеродромот Хале во Лајпциг, соопшти регионалното Министерство за внатрешни работи.
Чартер авион на Катар ервејс со 28 авганистански престапници кои беа донесени од различни држави, тргна од Лајпциг, најголемиот град во покраината Саксонија, за Кабул во 6:56 часот по локално време.
Како што информира ДПА, акцијата ја организираше германското федерално Министерство за внатрешни работи.
Германија не одржува дипломатски односи со талибанските власти во Кабул.
Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека по смртоносниот напад со нож во Манхајм на крајот на мај, повторно ќе биде овозможена депортација на најопасните криминалци и осомничени за терористички напади во Авганистан и Сирија.
Одлуката опфаќа лица за кои безбедносните власти се сомничат дека се способни за најтешки политички мотивирани злосторства, вклучително и терористички напади.
Дебатата повторно се разгоре со минатонеделниот смртоносен напад со нож во западниот град Солинген, во кој загинаа три лица, каде главниот осомничен е 26-годишен Сириец за кој се верува дека избегнал наредба за депортација.