Повлечени се членовите на евалуационите комисии кои требаше да извршат избор на надзор и избор на изведувач за третата фаза од делницата за изградба на пруга кон Бугарија заради тоа што не е реален, не е изводлив и не може да биде завршен, но и заради компромитирањето на проектот, изјави денеска ресорниот министер Александар Николоски.
-Утрово во координиран настап заедно со ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, а после последните сознанија коишто беа изнесени и во јавноста одлучивме да ги повлечеме членовите коишто се претставници на Министерството за транспорт и на ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ од евалуционите комисии коишто треба да извршат избор на надзор и избор на изведувач за изградба на третата фаза од делницата за изградба на пруга кон Бугарија. Ние остануваме целосно посветени на изградба на пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, но за тоа да го направиме мораме да имаме проект којшто е изводлив, проект којшто може да се изгради на теренот, проект којшто може да биде завршен, проект за којшто ќе имаме заеднички договор заедно со Република Бугарија, а не проект којшто ќе завршува во тунел и којшто нема да оди на другата страна, рече Николоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
За тоа, како што кажа, веќе разговарале со претставници на ЕУ, како и со претставниците на е ЕИБ и ЕБОР, двете банки коишто овозможуваат кредит за изградба на инфраструктура.
-Очекувам во една заедничка соработка помеѓу македонската и бугарската влада во соработка со ЕУ и со претставниците на банките да изработиме проект којшто ќе значи изградба на пруга, а нема да значи не изградба на пруга кон Бугарија затоа што овој проект којшто го имаме во моментов не е реален, не е изводлив и не може да биде завршен. Претставува градежен подвиг зошто треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри, прескап е, проценета вредност е некаде околу 20 милиони евра по километар и третото, од страна на Бугарија не е завршена нивната работа затоа што завршува во тунел којшто не оди никаде. Имајќи го предвид сето ова, како и компромитирањето на проектот решивме утрово да ги повлечеме членовите и од Министерството за транспорт и од ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ од евалуационите комисии коишто требаше да направат избор на надзор и избор на изведувач за оваа фаза, а очекувам како што реков во иднина да продолжиме да соработуваме и со ЕУ и со Бугарија и со банките за овој проект да се реализира, но на реален и изводлив начин, потенцира Николоски.
Прашан дали и тој бил жртва на поткуп за го поддржи проектот исто како и премиерот Мицкоски, рече дека токму после јавно изнесените информации од премиерот за обид за корупција решиле денеска да ги повлечат членовите коишто се дел од тимовите за евалуација и од делот за надзор и од делот за изведба.
-Тоа е најмалку што можеме да направиме за да сфатат сите коишто се обидуваат да направат поткуп дека со нас нема играње. Покрај тоа, на овој повик има пријавено седум учесници од коишто најголем дел се несериозни. На овој повик нема пријавено ниеден учесник од сериозна земја членка на ЕУ. Мислам дека тоа кажува се во однос на тоа какви компании учествуваат. Тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби кај членовите на евалуационата комисија итн. Затоа што ние сме сериозни затоа ја прекинуваме постапката со ова што сега ги повлекуваме членовите, прецизира Николоски.
Најави дека во иднина во соработка со ЕУ, со Бугарија и со банките сакаат да се изработи сериозен проект којшто ќе биде изводлив, да добијат јасни гаранции од Бугарија дека исто така да го изгради проектот на нивна страна и тој проект да е без никакви сомнежи за корупција.