(ФОТО+ВИДЕО) Отворени Параолимписките игри во Париз, продефилира и македонската делегација

Меѓу учесниците е и македонската спортиска Оливера Наковска-Бикова која се натпреварува во стрелање

Во Париз вечерва се отворени Параолимписките игри на кои до 8 септември ќе учествуваат 4 400 спортисти од 184 делегации. Меѓу учесниците е и македонската спортиска Оливера Наковска-Бикова која се натпреварува во стрелање.

Зад македонското знаме на отворањето на Параолимписките игри имаше тројца претставници на делегацијата, но натпреварувачката Наковска-Бикова, како што велат од тимот, во договор со тренерот и делегацијата, одлучила да не ризикува евентуален замор или повреда на рака, и останала во Шатеру каде што го искористила денот за тренинг.

Церемонијата на отворањето на Параолимписките игри почна на плоштадот „Конкорд“ и авенијата „Шанзелизе“ во кореографија на Швеѓанецот Александар Екман.

Како и со Олимписките игри, церемонијата на отворањето на Параолимписките игри по првпат се одржува надвор од стадион во француската престолнина.

Син, бел и црвен чад, според боите на француското знаме, беше испуштен од авионите на акробатската единица на француската авијација, пред спортистите да го почнат своето дефиле.

Спортисти од 184 делегации треба да учествуваат во 22-та параолимписки спортови, кои ќе се натпреваруваат за вкупно 549 златни медали во Париз.

Уметничкиот директор Томас Џоли вети дека церемонијата на отворање ќе биде спектакл што ќе ги прикаже параолимписките спортисти и вредностите што тие ги отелотворуваат и ќе има претстави кои досега не биле видени.

Во текот на денот во Париз пристигна параолимпискиот факел кој мина низ улиците на главниот град на Франција, а меѓу носителите на факелот беше и актерот Џеки Чен.

Француските спортисти, меѓу кои Сирена Самба-Мајела и Рјад Салем, го запалија факелот во присуство на околу 500 луѓе.

Претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет, Ендрју Парсонс, верува дека Париз ќе ги спроведе „најспектакуларните параолимписки игри досега“.

- Реклама -