Бугарско МНР: И со службена и со редовна влада нема репреговарање на договореното со С Македонија

„Овој наш став нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“, се вели во објавата од МНР на Бугарија

Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада која ги има сите прерогативи за управување со земјата, пишува во денешното соопштение од бугарското Министерство за надворешни работи, кое доаѓа како реакција на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека во октомври во Бугарија се закажани избори, а дотогаш земјата ќе има техничка (службена) влада, па затоа треба да се почека да заврши тој процес за да продолжи дијалогот меѓу двете земји кога во Софија ќе има политичка влада.

Мицкоски рече дека тој бил за одблокирање на евроинтегративните процеси и ќе работи посветено на таа агенда, но од другата страна треба да има партнер со кого ќе може да се комуницира. На тоа, од бугарското МНР велат дека Софија останува отворена за дијалог, без разлика дали земјата ја води службена или редовна влада. Но, како што нагласуваат од таму, тој дијалог не вклучува репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.

„Изјавата на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“,

се вели во објавата од МНР на Бугарија.

Оттаму додаваат дека во летото 2022 година бил постигнат консензус меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и Северна Македонија, во кој, како што велат, целосно се опишани сите чекори за постигнување вистински напредок во процесот на европската интеграција на нашата земја.

„Бугарската позиција е јасно наведена и во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Таа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни преземените меѓународните обврски. Оваа позиција на национално ниво нема да се промени“,

се додава во соопштението од бугарското министерство.

Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, рече дека како Влада остануваат посветени на ова прашање и оти ќе продолжат и понатаму да работат за полноправно членство во Европската Унија.

„Ќе ги решаваме домашните проблеми, ќе правиме реформи. Тоа што е до нас ние ќе го завршиме, но за жал тој процес не зависи само од нас“,

рече Мицкоски.

На прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, Мицкоски посочи дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија, па потоа да отвориме дијалог, зашто смета дека сме соседи и треба да градиме добри соседски односи.

Бугарскиот амбасадор во земјава кој е во заминување Ангел Ангелов во понеделникот во одговор на новинарски прашања рече дека не може да има преговори за нешто што е веќе договорено, тоа што е договорено мора да се испочитува и исполни.

Одговорот на Ангелов доаѓа по изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој неодамна кажа дека очекува што побрзо формирање политичка влада во Бугарија со која ќе може да се дискутира на повеќе нивоа.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, неодамна рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година и оти очекува дека што побрзо ќе се формира политичка влада со која, како што рече, ќе може да дискутира за да отвори дијалог на повеќе нивоа.

Неделава премиерот Христијан Мицкоски најави дека во периодот што следува ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, зашто, како што оцени, актуелниот состав на комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.

- Реклама -