Мицкоски: Борбата против криминалот од септември ќе се засили, се анализираат досиеја на поранешни функционери

Тој посочи дека институциите веќе им се во трага на неколку криминални групи кои се активни во Скопје на полето на изнуда, рекетирање, палење објекти

Перцепцијата денес е дека сме криминална држава и затоа борбата против криминалот од септември само ќе биде засилена и ќе трае сѐ додека оние за кои постојат цврсти докази дека сториле криминал не бидат соочени со лицето на правдата, изјави вечерва за телевизија Алфа, премиерот Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека сите оние за кои постојат основани сомневања за сторен криминал и цврсти докази, ќе бидат спроведени пред органите на правдата, без оглед на тоа од која политичка партија доаѓаат.

„Многу случаи и досиеја во моментов се анализираат и тоа се на поранешни вршители на високи функции. Но, да се разбереме, ова не треба да биде перципирано како политичка хајка и тоа ќе важи и за оние сега именувани, од оваа влада. Ако се огрешат пред законот, јас гарантирам, кој и да е, ќе одговара. Ако било кој од нив биде пријавен и постои основано сомневање, да знаете дека ќе биде без милосрдно“,

порача Мицкоски.

Тој посочи дека институциите веќе им се во трага на неколку криминални групи кои се активни во Скопје на полето на изнуда, рекетирање, палење на објекти.

„Знаеме за кои луѓе станува збор, тие се координирани од затворите со веќе осудени криминалци кои се осудени за извршени убиства и така натаму. Не треба од ова да правиме естрада, не е посебно ако државата го спроведува редот и законите и тоа ќе продолжи, затоа што ние немаме втора опција, ние не сме во договор со криминалците како што тоа го правеа некои минати влади. Ние сакаме да расчистиме со криминалците без разлика дали се на улиците, политиката или на некое трето место“,

нагласи премиерот.

Тој најави формирање на посебен тим и отворена линија, каде граѓаните ќе може да пријават доколку во некои од институциите им е побарано мито или некој свесно го одолговлекува она што по закон и процедура им припаѓа.

Како што појасни, по пријавата од граѓаните, истражните органи ќе ги контактираат и сите тие „девијантни однесувања во рамките на институциите ќе се намалат, а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.  

Во однос на најавите за можна дестабилизација на земјата наесен, Мицкоски рече дека луѓето што изминатите седум години ја претвориле државата во „своина и мислеле дека се незаменливи и вечни“ ќе бараат маргинализирани групи кои за пари ќе ги мотивираат да дестабилизираат.

„Ќе се обидат преку етнички тензии тоа да го направат, бидејќи немаат друг начин. Не можат да магнетизираат луѓе, затоа што дури и нивните поддржувачи од минатото сега не ги поддржуваат. Во отсуство на долготрајни масовни протести, бидејќи за нив парите не се проблем, ќе бараат маргинализирани групи што со пари ќе ги мотивираат да дестабилизираат. Тоа им е единствен простор“,

изјави Мицкоски. 

- Реклама -