Младите таленти преку музика пренесуваат порака за креативност, единство и толеранција

Од 18 до 21 август 2024 година, во младинското летувалиште Солферино во Струга се одржа четиридневен летен камп, кој беше кулминација на проектот за превенција на етничка нетрпеливост меѓу младите. На кампот учествуваа 30 млади кои активно се вклучија во музичките работилници организирани од почетокот на годината. Овие млади, избрани поради своите волонтерски вештини и желба за активизам, работеа на развивање на музички и демократски вештини.

Кампот беше поддржан од три волонтери на Црвениот крст и активисти со искуство во водење работилници за граѓански вештини и младински активизам, кои дејствуваа како фасилитатори и обучувачи. Активностите на кампот вклучуваа создавање на заедничка музика која ќе ја пренесе пораката за толеранција и еднаквост преку социјалните мрежи, како и креирање на акционен план за спречување на насилство поттикнато од етнички разлики.

За време на кампот, учесниците од Рома Рок Скул и Црвениот Крст заедно креираа авторска песна, која ја изведоа на последниот ден од настанот.

Овој музички проект беше уште еден начин преку кој младите учесници го изразија својот заеднички труд и креативност, пренесувајќи ја пораката за единство и толеранција.

Една од главните цели на кампот беше да се вклучат идеите на младите како познавачи на својата генерација и проблемите со кои се соочуваат, со што им се даде можност да учествуваат во процесот на носење одлуки.

Нивниот акционен план ќе биде дел од моделот за превенција на насилство, кој ќе биде презентиран пред релевантни фактори.

Покрај тоа, младите учествуваа во работилници организирани од волонтерите на Црвениот крст, каде што стекнаа вештини за препознавање, предизвикување и спречување на дискриминација, нетолеранција и насилство базирано на етничка основа.

Овој камп, финансиран од УНДП, претставува значаен чекор кон создавање на идни лидери кои ќе придонесат за промовирање на мир, толеранција и мултикултурализам во Македонија.

Во прилог е галерија фотографии од кампот

- Реклама -