„Исламска држава“ ја презеде одговорноста за нападот во Солинген, полицијата уапси уште едно лице

Доцна вечерва Би-би-си објави дека германските медиуми пишуваат дека осомничениот напаѓач сам ѝ се предал на полицијата. Весниците „Билд“ и „Шпигел“ во своите извештаи наведуваат дека лицето носело облека извалкана со крв

Терористичката организација „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за нападот со нож во германскиот град Солинген, во кој три лица беа убиени, а осуммина повредени од кои четворица потешко, пренесуваат светските агенции.  

Припадници на германската полиција пред центар за бегалци во Солинген / Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHER NEUNDORF

Опишувајќи го човекот кој го извршил нападот како „војник на Исламската држава“, терористичката организација во соопштение на Телеграм наведува дека тој „нападот го извршил како одмазда за муслиманите во Палестина и насекаде“. 

Германската полиција соопшти дека уапсила уште едно лице во врска со нападот. Апсењето, како што пренесуваат медиумите, е извршено во центар за бегалци недалеку од местото на нападот.   

Доцна вечерва Би-би-си, објави дека во меѓувреме германските медиуми пишуваат дека осомничениот напаѓач сам ѝ се предал на полицијата. Весниците „Билд“ и „Шпигел“ во своите извештаи наведуваат дека лицето носело облека извалкана со крв.   

Полицијата претходно во саботата приведе 15-годишник за кого постојат сомневања дека е поврзан со нападот.  

Инаку, „Исламска држава“ во објавата не наведува никакви докази за своето тврдење со кое ја преземе одговорноста за нападот и засега е нејасно колку е блиска врската меѓу напаѓачот и терористичката група.  

Премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист нападот, кој се случи во петокот вечерта за време на фестивалот во градот Солинген, го оквалификува како терористички чин, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).  

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фејзер рече дека властите прават сè што можат за да го фатат напаѓачот. 

Трагичниот настан се случи во петокот вечерта околу 21:30 часот кога маж по случаен избор бодел минувачи на фестивалот во Солинген по повод 650-годишнината од формирањето на градот. Некои германски медиуми објавија дека напаѓачот имал „арапски изглед“. Нападот се случил на плоштадот Фронхоф, каде што настапувале бендови.   

- Реклама -