Јаневска: Наставниците ќе добијат покачување на платите во март, следната година

За неможноста зголемувањето да биде реализирано во септември годинава, таа ја обвини претходната власт, која како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и денеска повтори дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека зголемување ќе има во март, следната година.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска одговара на новинарски прашања по денешната посета на ОУ „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром / Фото: Принтскрин

За неможноста зголемувањето да биде реализирано оваа година, таа ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата. 

„Грчевито се борам и ќе се борам за наставниците и ќе продолжам и ќе инсистирам да се исполни она што сме им го ветиле. Сме им ветиле во првата година, за оваа Влада првата година е од јуни до следниот јуни.  Во првата година тие, секако, ќе добијат покачување. Во март ќе добијат покачување на платата, што е можно повеќе, колку што ќе дозволи Буџетот, толку ќе добијат. Во текот на годината, ако има можности, уште едно покачување, за да бидат задоволни и мотивирани“,

изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Основното училиште „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром.  

Рече дека како наставник точно ги знае проблемите и предизвиците со кои се соочуваат наставниците, изразувајќи уверување дека тие ќе имаат разбирање за реалните можности.  

„Кога би можела, уште утре би им ја покачила платата, не за оние 12 проценти кои ги бара синдикатот.По можност 30, 40, 50 проценти. И нема дилема дека тие треба да имаат поголеми плати, јас само ги кажувам реалните можности, кажувам што наследивме од претходната власт“,  

рече министерката за образование и наука.

Јаневска одговори и на обвинувањата на пратеничката на опозициската СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која вчера во интервју за ТВ Сител рече дека платите во образованието треба да се покачат за 12 отсто во септември оти тоа е законска обврска.  

„Ако таа министерка или било кои други министри правилно го планираа буџетот, може и немаше да имаме проблем. Се соочуваме со огромни средства за учебници, огромни средства за ученички стандард кои не ги исплаќале, огромни средства за студентски стандард кои не ги исплаќале, проблеми со превозот. Гледате дека се доградуваат училници, се реновираат санитарии. Сѐ е тоа нешто што е неопходно. Не дека платите на наставниците не се неопходни, тие се и тоа како значајни, но јас сум убедена дека ќе имаат разбирање“,

рече Јаневска. 

- Реклама -