Германија наскоро ги укинува државните финансиски исплати за црквите

Германската Влада планира да ги укине годишните исплати на протестантската и католичката црква, кои беа воведени на почетокот на 19 век, објавија денеска германските медиуми.

„Германската влада планира во септември да донесе закон со кој се укинува годишното обештетување на црквата без зелено светло на сојузните држави“, објавија германските медиуми, повикувајќи се на извори во социјалдемократско-зелено-либералната влада на канцеларот Олаф Шолц.

Во коалицискиот договор, оваа влада се обврза да ја укине годишната исплата на компензација на црквите, која е на сила од почетокот на 19 век, но некои сојузни покраини се спротивставија.

Сега, како што за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ изјави Ларс Кастелучи, портпаролот за верски прашања на владејачките социјалдемократи, законот треба да се обликува така што нема да биде потребно зелено светло од Бундесратот, домот на сојузните држави.

Годишните надоместоци на државата за двете најголеми германски цркви, протестантската и католичката, се засноваат на договорот што германските кнежевства го склучија со црквите на почетокот на 19 век, во екот на секуларизацијата на државата и национализацијата. на црковните имоти.

Напорите да се запрат овие плаќања постојат уште од времето на Вајмарската Република.

Германските сојузни држави на име на овие компензации годишно исплаќаат на црквите околу 600 милиони евра.

- Реклама -