Пронајдени куршуми во телата на шестемина заложници кои израелската војска ги извлече од Газа пред два дена

Израелските одбранбени сили (ИДФ) и Израелската безбедносна агенција (ИСА) во вторникот објавија дека во Хан Јунис се пронајдени телата на 80-годишниот Јорам Мецгер, 76-годишниот Александар Данциг, 79-годишниот Аврахам Мундер, 80-годишниот Хаим Пери, 51-годишниот Надав Поплвел и 35-годишниот Јагев Бухштаб

Фото: Форум за семејства на заложници

Во телата на шестемина израелски заложници, кои израелската армија ги врати во земјата во ноќна операција во Газа пред два дена, пронајдени се куршуми, објави во четвртокот Форумот за семејства на заложници, повикувајќи се на извештаи од обдукцијата.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) и Израелската безбедносна агенција (ИСА) во вторникот објавија дека во Хан Јунис се пронајдени телата на 80-годишниот Јорам Мецгер, 76-годишниот Александар Данциг, 79-годишниот Аврахам Мундер, 80-годишниот Хаим Пери, 51-годишниот Надав Поплвел и 35-годишниот Јагев Бухштаб.

Сите биле киднапирани на 7 октомври од кибуцот Нир Оз и Нирим, во близина на границата со Појасот Газа.

Мундер би киднапиран заедно со неговата сопруга, ќерка и внука, кои во ноември беа разменети за Палестинци кои отслужуваат затворски казни. Синот на Мундер, Рои, бил убиен од терористите на Хамас за време на нападот на Нир Оз.

Се верува дека Хамас држи уште 109 заложници во Газа, но за третина се верува дека се мртви, додека судбината на останатите не е позната.

Американскиот претседател Џо Бајден врши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и ја нагласува итната потреба од договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, објави Белата куќа.

Повеќемесечните разговори за прекин на огнот се вртат околу истите прашања, но Израел и Хамас цврсто стојат на нивните барања.

„За секоја минута во која нема да се постигне договор, уште еден заложник може да го загуби животот. На сите им е јасно дека враќањето на заложниците е можно само доколку се постигне договор“,

изјавија од Форумот за заложници, додавајќи дека враќањето на телата не е успех, туку неуспех на владата да постигне договор што би ги вратил заложниците живи.

Израелските заложници беа киднапирани на 7 октомври за време на нападите на Хамас на музички фестивал. Тој ден беа киднапирани околу 250 луѓе, меѓу кои и мали деца, од кои две, тогаш деветмесечниот Кфир Бибас и неговиот четиригодишен брат Ариел, сè уште киднапирани, додека околу 1 200 луѓе беа убиени.

Во војната што следеше, здравствените власти во енклавата управувана од Хамас соопштија дека биле убиени 40 000 луѓе. Израел тврди дека ликвидирал околу 17 000 борци на Хамас.

- Реклама -