Меџити: Гаши е скромен човек, барал намалување на нивото на обезбедување, но заради протоколите тоа не е дозволено

Прашан што доколку коалицискиот партнер во власта ЗНАМ на 3 септември, за кога е закажана собраниската седница за интерпелација на Гаши, гласа „за“, Меџити вели дека владејачкото мнозинство е стабилно и оти немало постабилна влада од незавиноста на Македонија

Претседателот на Собранието Африм Гаши е скромна личност во приватниот живот и побарал да се намали нивото на обезбедување кое му следи како втор човек во државата, но, заради протоколите тоа не е дозволено, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. 

Изет Меџити и Африм Гаши / Фото: Принтскрин (Архива)

Меџити кој доаѓа од коалицијата „Вреди“, како и собранискиот спикер, ова го кажа во вечерашното интервју во „Вести плус“ на ТВ Канал 5, прашан за коментар за патувањето на Гаши на свадба во Косово со службено возило, придружувано од конвој возила на неговото обезбедување, настан кој предизвика бурни реакции во јавноста и обвинувања од страна на опозицијата.  

„Прво, се работи за втор човек во државата и мислам дека протоколот за безбедност е многу строг. Имам разговарано и со Гаши и со претходниот претседател на Собрание и со Јован (Митревски) и со Талат (Џафери). Сакаа повеќе слобода во секојдневниот живот, за децата и за жената, но постојано се под строг надзор, строго обезбедување при што се губи приватноста, посебно кај децата. Но заради тоа што е втор човек во државава и покрај тоа што побарал да се намали тоа ниво на безбедност, да има повеќе приватност, не е дозволено заради протоколите“,

изјави Меџити.  

Вели дека и покрај скромниот карактер на претседателот на Собранието како човек, тие безбедносни протоколи не можат да се менуваат, бидејќи за нив одлучува државата. 

„Како човек го знам, не е многу по тие работи, многу е скромен во приватниот живот, но не може да ги промени тие протоколи за безбедност, бидејќи тука државата одлучува, а не индивидуата“,

рече првиот вицеппремиер.  

Прашан што доколку коалицискиот партнер во власта ЗНАМ на 3 септември, за кога е закажана собраниската седница за интерпелација на Гаши, гласа „за“, Меџити рече дека владејачкото мнозинство е стабилно и оти немало постабилна влада од незавиноста на Македонија.  

„Од 1990-тите досега немало Влада со постабилна бројка, значи 78 пратеници. Второ иницијативата е покрената од Левица, колку што знам. Мислам дека ова е нова Влада со нова програма, со нова надеж на граѓаните, тие нема да потпаднат на такви провокации“,

изјави тој. 

Во барањето за интерпелација поднесено од Левица се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички. 

Опозициската СДСМ веќе најави дека ќе гласа за интерпелација на собранискиот спикер.  

Премирот Христијан Мицкоски изнесувајќи ја позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека не гледаат причина за интерпелација на Гаши и нема да ја поддржат. 

- Реклама -