Се зголемува бројот на ковид-позитивни, за шест дена регистрирани 271 нови случаи

Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најголем број случаи се пријавени од возрасната група над 60 години

Се зголемува бројот на новорегистрирани случаи со ковид-19 во земјава. Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавени денеска, во периодот од 12 до 18 август во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на вирусот SARS CoV-2 се тестирани вкупно 608 материјали, што е зголемување од 33,3 отсто во однос на минатата недела.  

Илустративна фотографија / Фото: „360 степни“ (Архива)

Во овие шест дена регистрирани се 271 нови случаи на позитивни на ковид-19, што е за 60,4 отсто повеќе во однос на претходната недела.  

Најголем дел од регистрираните случи се од Скопје, Кавадарци, Тетово и Охрид, а највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци, велат податоците на ИЈЗ. 

Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најголем број случаи се пријавени од возрасната група над 60 години.  

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција потврди дека има пораст на бројот на заболени од ковид-19 и апелираше да се почитуваат препораките од здравствените власти. 

„Има пораст на бројот на регистрирани со ковид во државава, имаше состанок со Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат – треба да се придржуваме на правилата – отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите кои се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со ковид, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми“,

рече министерот на прес-конференција каде што беа промовирани девет нови генерички лекови кои се ставаат на позитивната листа. 

Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести во изјава за ТВ Телма вели дека она што можат да го кажат е дека не се зголемува бројот на сериозните акутни респираторни инфекции кои подразбираат тешки клинички форми на болеста. 

„Значи претежно се работи за пациенти кои се третираат амбулантски, со полесна симптоматологија“, 

вели Мехмедовиќ. 

Извор: Институт за јавно здравје (ИЈЗ)

Инаку, според ИЈЗ, во текот на минатата недела, пријавено е едно починато лице асоцирано со ковид-19. Се работи за лице на возраст над 60 години, со коморбидитети и невакцинирано против ковид-19. 

- Реклама -