Волонтерството на МакеДокс е одлична можност за младите кои сакаат да се вклучат во светот на филмот и да стекнат искуства кои ќе ги однесат подалеку од границите на Македонија. Една од овие волонтерки е Тара Џеладин, која веќе трета година е дел од фестивалот и ја споделува својата приказна за тоа како МакеДокс ја поттикнал да расте и лично и професионално.
„Многу го сакам филмот, но исто така сакам да запознавам нови луѓе. МакеДокс ми овозможи да создадам пријателства и конекции со луѓе од целиот свет,“ вели Тара, нагласувајќи дека за неа, фестивалот претставува повеќе од само филмски настан.
Една од најомилените работи на Тара од МакеДокс е „DocTalks under Fig tree,“ каде филмаџии, продуценти и режисери од светот разменуваат мисли и искуства за филмот под смоквата во Скопје. Овој дел од фестивалот ја воодушевува токму поради блискоста која ја создава меѓу луѓето.
Волонтерите на МакеДокс, според Тара, имаат различни улоги, од метење до работа на шанк или со мерчендајз. „Колку ќе се вклучиш зависи од возраста, но има простор за секого да најде нешто што му одговара,“ објаснува таа.
Ова искуство ѝ помогнало на Тара да изгради самодоверба и да започне свои проекти, како „Skopje Creative Fest,“ фестивал што го организира инспирирана од волонтирањето на МакеДокс.
На крајот, таа ги охрабрува сите млади кои размислуваат да се пријават како волонтери да го направат првиот чекор, истакнувајќи: „Најважно е да се забавуваат и да создадат пријателства со луѓе од различни држави. Ова е искуство што не се заборава.“
МакеДокс не би бил истиот без енергијата и трудот на неговите волонтери, кои со својата посветеност го прават фестивалот незаборавно доживување за сите посетители.
Фотографии: Anabela Al-Abbasi