Мицкоски за престрелките во Скопје: Криминални структури имало и ќе има, дел од нив се охрабрени од центри на моќ, но ќе ги победиме

Ова е одговорот што премиерот Христијан Мицкоски го даде на прашањето дали граѓаните може да се чувствуваат безбедно откако за помалку од 24 часа во главниот град се случија две престрелки од кои едната со смртен исход

Криминални структури имало и ќе има. Во овој период на транзиција поединци земаат замав, некои се охрабрени од некои центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме.

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ / Фото: Влада

Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали граѓаните може да се чувствуваат безбедно откако за помалку од 24 часа во главниот град се случија две престрелки од кои едната со смртен исход.

„Жестоко ќе се спротиставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно. Ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото, ве уверувам во тоа“,

рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по средбата со претседателката на Судскиот совет.

На прашањето дали има дополнителни информации кои може да ги сподели со јавноста во врска со случаите, надвор од она што веќе го сподели МВР, премиерот упати одговори да се бараат од надлежното министерство.

За помалку од 24 часа во главниот град се случија две престрелки. Првата беше вчеравечер во скопската населба Ченто. Од возило во движење било пукано во друго возило, а едно лице со повреди заврши в болница.

Претпладнево, пак, ново пукање имаше кај Трговскиот центар „Мавровка“. Полицијата соопшти дека со огнено оружје е застрелано едно лице кое починало на самото место. За случајот се уапсени две осомничени лица. Полицијата го знае идентитетот и на третиот осомничен, но по него сè уште се трага.

- Реклама -