ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ за престрелките низ Скопје и ѝ се закани со тужба на Славјанка Петровска

Од владејачката партија велат дека поранешниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски и СДСМ во осумте години додека беа на власт дозволиле мафијашките банди толку да зајакнат што буквално се препукуваат низ Скопје

Во врска со објавата на пратеничката на СДСМ во Собранието и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, која го обвини премиерот дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бараат вештачење на нејзината деловна способност или во спротивно ќе треба да сноси одговорност за изнесените клевети

По денешното убиство во непосредна близина на ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје и синоќешното пукање во населбата Ченто во кое едно лице беше рането, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ преку реакции и контрареакции си ја префрлаат вината за случувањата во главниот град во изминатите помалку од 24 часа.

Фотоколаж: „360 степени“

Откако од СДСМ ја обвинија актуелната власт на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија ја претворила во Див Запад и побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веднаш да си поднесе оставка, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека поранешниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски и СДСМ во осумте години додека беа на власт дозволиле мафијашките банди толку да зајакнат што буквално се препукуваат низ Скопје.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ почна со санкционирање и институциите постапуваат побрзо од било кога. Мафијашките банди повеќе ја немаат заштита во институциите, како што го имаа во времето на Спасовски. Институциите работат засилено и безбедноста ќе биде на повисоко ниво од време на СДС“,

се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението од опозициската партија.

Во посебно соопштение, од владејачката партија остро реагираат на објавата на пратеничката на СДСМ во Собранието и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска која го обвини премиерот дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор. Таа во објавата напиша и дека лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки.

По ваквите тврдења на Петровска, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бараат вештачење на нејзината деловна способност или во спротивно ќе треба да сноси одговорност за, како што велат, изнесените клевети.

„Обвинувањето за убиства е сериозно обвинение и не може да се толкува дека тоа може да го тврди здрава личност, освен ако не изнесе докази за тоа. Ако лицето што го посочува е познат лик од скопското подземје и министерката Славјанка го знаела тоа, зошто не го уапсиле додека биле на власт? Написот на Славјанка е гнасен и одраз на една внатрешна состојба на злоба и лична фрустрација. На Славјанка не ѝ пречеа ни Грчеци, ни фантоми, ни Бела Ноца, ни Барон цели 7 години збор не гукна, се јави сега после подолг одмор на луксузна дестинација“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека граѓаните своето мислење за неа и за нејзината работа го кажале на изборите пред неполни три месеци.

„Оваа влада е неполни два месеци на власт. Институциите и улиците се полни со бандити кои изминативе седум години ја преземаа државата со помош на корумпираните водства на ДУИ и СДС чиј значаен дел беше Славјанка која ќе повториме се додека седеше во фотелјата не гледаше ништо што се случува. Но, затоа и ја добија казната. Народот гледа што се случува и е свесен каква држава ВМРО-ДПМНЕ наследи и дека е потребно време да се фатат конците. Криминалот на претходната власт и нејзините инсталации е метастазиран. Но, да знае и Славјанка и сите оние имаат дилеми, Македонија ќе успее. И Македонија ќе победи! Морбидноста на СДС оди дотаму што се подготвени и врз вакви случаи да прават дневна политика. Срамно морбидно и мизерно“,

се вели во реакцијата на владејачката партија.

Пратеничката на СДСМ во Собранието и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска / Фото: Архива

За потсетување, во пукање од возило во движење што вчера вечер се случи во скопската населба Ченто едно лице беше рането и заврши во болница.

„На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. ‘Александар Македонски’ од патничко возило во движење било пукано во патничко возило ‘пасат’ со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,

информираа од полицијата за овој случај.

Денеска, пак, околу десет часот претпладне на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ едно лице е убиено, откако во него пукале неколкумина напаѓачи. Тие, според очевидци, од неговиот автомобил одзеле предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер, а потоа побегнале.

За мотивите се спомнува облик на изнуда, иако истрагата сè уште е во многу рана фаза.

За убиството, како што информираа од Министерството за внатрешни работи, досега се уапсени две лица, а по трето, чиј идентитет им е познат на органите на прогонот и понатаму се трага.

Едниот од двајцата уапсени, според МВР, бил фатен по престрелка во скопската населба Чаир.

Од МВР додаваат дека веднаш откако убиството било пријавено во СВР Скопје, со специјални полициски сили, хеликоптери и дронови почнала потрага по сторителите.

Наспроти мноштвото медиумски извештаи дека убиениот е адвокат, информациите на „360 степени“ велат дека Васил Е. е лице со приватна компанија со сосема друга дејност.

- Реклама -