Единствено Фрчкоски сѐ уште не му дошол на Муцунски на консултации, извадил боледување

„Единствен со кој не се одржаа консултации е амбасадорот Фрчкоски. Причината за тоа е што во моментот кога беше повикан на консултации извади т.н. боледување што секако му следува. Му посакувам добро здравје. Но, тоа не значи дека постапката се одолговлекува. Таму имаме сериозни индиции за финансиски злоупотреби. Боледувањето не значи дека не следува процес на утврдување одговорност“, рече Муцунски

Министерството за надворешни работи одржало консултации со тројца од четворицата повикани амбасадори, изјави вечерва во Дневникот на Сител министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Консултации се одржани со амбасадорите Андреј Жерновски, Весел Мемеди и Данчо Марковски. Единствениот кој не дошол на повикот на Муцунски е амбасадорот Фрчкоски.

„Единствен со кој не се одржаа консултации е амбасадорот Фрчковски. Причината за тоа е што во моментот кога беше повикан на консултации извади т.н. боледување, што секако му следува. Му посакувам добро здравје. Но, тоа не значи дека постапката се одолговлекува. Таму имаме сериозни индиции за финансиски злоупотреби на буџетски средства и факт е дека во моментов спроведуваме ревизија на работењето на постојаната мисија (при ООН во Њујорк). Боледувањето не значи дека не следува процес на утврдување на одговорност за сериозните индиции кои ги имаме за злоупотреба на финансиски средства од страна на мисијата во времето додека ја раководи Фрчкоски“,

рече Муцунски.

На новинарско прашање дали постои временска рамка кога ќе има исход од консултациите со сите четворица амбасадори, министерот за надворешни работи нагласи дека правилата за консултации се строго регулирани во Законот за надворешни работи.

„Еден од случаите е целосно расчистен, тоа е со амбасадорот Данчо Марковски. Таму имавме и се уште имаме сериозни грижи и замерки околу начинот на кој се спровел пописот во соседна Албанија за што имаме консултации и јас со мојот албански колега и премиерот Мицкоски со премиерот Рама. Тоа што го утврдивме всушност е дека институционалните грешки што се случувале дури се спроведувал пописот во голема мера биле од наша страна, односно непостапување од страна на институциите при кренат аларм од страна на нашата амбасада во Тирана. И тука не можам да ја најдам вината кај амабсадорот Марковски, бидејќи тој соодветно укажувал дека има проблеми, а нашите институции не реагирале. Затоа решив да го вратам во Тирана“,

рече Муцунски.

Во врска со амбасадорот Мемеди, како што посочи тој, МНР спроведува постапка во врска со дописот од негова страна до италијанските власти дека не важат пасошите со старото име во период кога немаше документи. Како што рече Муцунски, Мемеди немал соодтвена инструкција од МНР за да преземе таков чекор, односно тоа го сторилл самостојно.

Во врска со Жерновски, шефот на дипломатијата изјави дека постојат сериозни индиции за формално-правниот аспект на неговото стапување на функцијата и дека е почната внатрешна процедура за да се види дали има или нема одговорност.

„Од нашите амбасадори очекувам професионализам и стручност. За жал, имам идентификувано уште неколку случаи на непрофесионално работење и индиции за финансиски злоупотреби на некои наши амбасадори. Станува збор за износи кои надминуваат десетици илјади евра“,

рече првиот човек на МНР.

- Реклама -