СДСМ ќе победува кога ќе го промени однесувањето кон членството и цврсто ќе ги реафирмира социјалдемократските вредности, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за „Фокус“.
Тој додава дека најавената нова модерна платформа е од клучно значење за подигање на партијата, но и дека мора да направи реорганизација и демократизација на партијата.
– СДСМ ќе победува ако се насочи кон реалните проблеми на граѓаните во политичка програма која ќе значи унапредување на животот во секој сегмент и за секого. По ова треба да биде препознаен СДСМ. Да нуди конкретни решенија и ја доближи својата политичка реторика до граѓаните, рече претседателот на СДСМ Филипче.
Според него, СДСМ мора да ја негува демократијата и слободата како единствена голема партија во моментов која има целосно демократска ориентација.
– СДСМ не смее да калкулира со национализмот и да води политики на манипулации на штета на напредокот. Такви партии имаме доволно, нагласи Филипче.
Тој додава дека СДСМ мора да им се обраќа на работниците и на ранливите групи за кои е направено навистина многу во изминатиот период.
– Овој пристап кон работниците, комбиниран со ефикасен модел за раст на економијата и поддршка на компаниите, ќе даде резлтат за сите. И ова е политика на заштита на граѓаните која верувам дека ќе биде препознаена пред налетот на дивиот капитализам кој го нуди ВМРО-ДПМНЕ, изјави претседателот на СДСМ Филипче.