СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и денеска се расправаат за бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани

Според СДСМ, судијата што го водеше случајот, Пајазит Пајазити, е избран за судија додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле на власт

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат судијата Пајазит Пајазити веднаш да биде разрешен и додаваат дека, според нив, Пајазити е експонент на „СДС и ДУИ во судството кој го руши системот од внатре“

Фото: архива

Од опозицискиот СДСМ обвинија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ со денови се обидува да ја пренасочи одговорноста за избеганиот поранешен припадник на ОВК, Блерим Рамадани, кон судството.

Додаваат дека од партијата не кажуваат ништо за одговорноста на Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски кои, според нив, беа задолжени да го обезбедат Рамадани во куќен притвор.

Според СДСМ, судијата што го водеше случајот, Пајазит Пајазити, е избран за судија додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле на власт.

„Што се однесува до судијата Пајазити, за кој со денови ВМРО-ДПМНЕ бара смена, според официјалните информации, тој е избран токму за време на владеењето на славната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според официјалните информации, Пајазити е избран за судија на 2.1.2013 година“, 

велат од СДСМ.

Од СДСМ повикаа Тошковски да биде разрешен.

„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата Министер за внатрешни работи затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкус рок бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветно обезбеден. Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае“,

додаваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат судијата Пајазит Пајазити веднаш да биде разрешен и додаваат дека, според нив, Пајазити е експонент на СДС и ДУИ во судството кој го руши системот од внатре.

„Пајазити не ги задоволува етичките и законски основи да остане да биде судија. Тој наместо затворски притвор, му додели куќен притвор на Блерим Рамадани и со тоа му отвори пат да избега“,

тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Пајазити знаел дека Рамадани, согласно неговото минато и искуство, може да се впушти во бегство, но и покрај тоа свесно го ставил во куќен притвор.

„Очигледна е намерата на Пајазити да му даде можност на Блерим Рамадани да избега. Пајазити мора да одговора, а за почеток тој треба да биде разрешен од судската функција“,

сметаат во партијата.

Инаку, Судскиот совет формираше посебна комисија која ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред бегството на Рамадани од куќен притвор ги донел Основниот кривичен суд Скопје.

- Реклама -