„Вреди“ во одбрана на Гаши – спикерот постапува според законите, опозициски медиуми ја искривуваат вистината

Коалицијата „Вреди“ од чии редови доаѓа Африм Гаши застана во негова одбрана откако се појави видео снимка од колона службени возила со кои претседателот на Собранието со семсјтвото оди на Косово

„Нема нарушување на стандардите“, велат од „Вреди“

За „Вреди“ нема ништо спорно што Африм Гаши со неколку службени возила заминал за Косово, настан кој беше снимен и објавен од „индекс.мк“. Овој медиум објави дека Гаши всушност отпатувал во соседната земја за приватни причини – да присуствува на свадба.

„Имајќи го предвид неговата висока позиција и важноста од одржување на стандардите за безбедност и државен протокол, Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се однесува според прописите предвидени со закон и протоколот за безбедност. Оваа одлука е во согласност со вообичаената практика за високи службеници, со цел да се обезбеди заштита и непречено извршување на неговите обврски. Всушност, обезбедувањето на Претседателот на Собранието е должно да го следи секое негово движење. И во случајот со посетата во Косово, кој стана тема од некои опозициони настроени медиуми, нема никако нарушување на овие стандарди и тоа може да се провери од сите заинтересирани страни. Имено, во отсуство на политичка агенда и стравувајќи за своето минато, некои опозициски партии се обидуваат преку искривување на вистината, да манипулираат со јавноста дека се работи за некое кршење на предвидените стандарди“,

пишува во соопштението на „Вреди“ испратено доцна вечерва.

Премиерот Мицкоски, спикерот Гаши, вицепремиерот Меџити и министерот Лимани на одбележувањето на годишнината од Рамковскиот договор

Од коалицијата владејачки партии на Албанците во земјава велат дека Гаши е „посветен на целосна и транспарентна соработка за разјаснување на сите аспекти на тој настан, но и за секоја друга тема што ја засега јавноста“.

Откако видеото беше објавено и откако ЛДП реагираше за настанот прашувајќи по која основа Гаши, со неколку возила отпатувал за Косово, одговор стигна и од кабинетот на претседателот на Собранието.

„Претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон. Овој безбедносен детаљ функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата. Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата“,

пишува во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.

Ова е втора непријатна ситуација, за само неколку недели, во која самиот Гаши се става. На почетокот на август тој, без законска основа како што соопшти МВР, го пратил своето обезбедување да ја решава ситуацијата на скопскиот аеродром откако косовската претседателка Османи одбила да ги помине безбедносните проверки.

- Реклама -