„Фајненшл тајмс“: Руската морнарица е обучена да напаѓа цели во Европа

Руската морнарица е обучена да гаѓа цели длабоко во Европа со проектили способни да носат нуклеарни боеви глави во потенцијален конфликт со НАТО, покажуваат тајните документи во кои увид имаа новинарите на „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).

Според британскиот дневен весник, документите покажуваат како Русија го замислува судирот со Западот далеку од нејзините непосредни граници со НАТО, всушност планирани се серија напади во Западна Европа.

Руските документи подготвени во периодот од 2008 до 2014 година, вклучуваат листа на цели за ракети кои можат да носат или конвенционални боеви глави или тактичко нуклеарно оружје.

Аналитичарите кои имаа увид во документите истакнаа дека тие се во согласност со процената на НАТО за заканата од ракетни напади со долг дострел од страна на руската морнарица, но и со брзината со која Русија најверојатно ќе прибегне кон нуклеарната опција.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Мапите, кои беа создадени за презентација, а не за оперативни цели, покажуваат дека руската поморска флота има 32 цели на НАТО во Европа.

„Фајненшл тајмс“ наведува дел руските цели:

– Целите на руската балтичка флота се главно во Норвешка и Германија, вклучително и поморската база Берген, како и радарските локации и објектите на специјалните сили.

– Северната флота на Русија треба да цели на одбранбено-индустриски цели, како што е бродоградилиштето за подморници во Бароу-ин-Фернес во северозападна Англија.

– Во документите е прикажана и руската доктрина, која би можела да се примени при евентуални војни во Црно Море, Касписко Езеро и Пацификот. Сценаријата вклучуваат војни со сегашните сојузници како Кина, Иран, Азербејџан и Северна Кореја.

- Реклама -