На поранешните заменици министри Хусеини, Бајдевски, Буши и Николоски одобрени барањата за апанажа

Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги одобри барањата на Енвер Хусеини, поранешен заменик-министер за труд и социјална политика, Александар Бајдевски, поранешен заменик-министер за информатичко општество и администрација, Назим Буши, поранешен заменик-министер за внатрешни работи и на Филип Николоски, поранешен заменик-министер за финансии да добиваат апанажа по престанокот на работниот однос.

Исто така, членовите на Комисијата на изборите и именувањата на денешната седница го утврдија и барањето за остварување на плата по престанок на функцијата заменик на генералниот секретар на Собранието на Мики Милковски и Неџбедин Ибраими.

Комисијата денеска ја донесе одлуката за определување на надоместок на закупнина на стан за пратеничките Лидија Петковска и Ангелина Петкова. Комисијата исто така, го донесе и решението за остварување на отпремнина при заминување во пензија за поранешниот пратеник Мирослав Јовановиќ.

На седницата денеска членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата ја утврдија и одлуката за разрешување членови на Комисијата за Агенцијата за електронски комуникации. Ова беше додадено како точка на дневен ред на седницата на предлог на пратеничката Ели Панова.

Образложувајќи ја предлог точката на дневниот ред, Панова посочи дека при самиот избор на членови на Комисијата за Агенцијата за електронски комуникации биле избрани кадри кои не ги исполнуваа условите предвидени во членот 16 од Законот за електронски комуникации, а подвлече и дека имало континуирано прекршување на Законот за електронски комуникации.

-Според Законот, членовите треба да имаат најмалку пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации. Токму на оваа Комисија ние предупредувавме и зборувавме дека не може некој кој што не ги исполнува условите да стане член на оваа Комисија. Ова е многу важен услов, бидејќи станува збор за Комисија која што е стручно насочена во својата работа и во исто време има огромни овластувања кои се од значење за работењето на Агенцијата. Четири од вкупно пет членови на Комисијата не го исполнуваат условот од членот 16, додаде Панова.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата ја утврдија и одлуката за разрешување членови на Управен одбор на Агенција за регулирање на железничкиот сектор, која се најде на дневен ред на предлог на пратеникот Јован Јаулески.

Како причина за разрешување, Јаулески ја наведе повредата на одредбите и прописите донесени врз основа на Законот при вршење на функцијата.

-Актуелниот состав на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор е предложен од претходниот парламентарен состав кој водеше сметка само за надоместокот кој што овие членови треба да го примат на месечно ниво, а не според способноста и ангажманот што истите требаше да ги вложат за да ја подобрат катастрофалната состојба во железничкиот сектор. За жал, со актуелниот состав ни одалеку не се остварени целите и надлежности кои Законот ги предвидува, рече Јаулески.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓија Сајкоски посочи дека потпишал решение за престанок на апанажа на Јетон Незири, поранешен член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка за работен однос од втор степен, затоа што е именуван за директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на Скопје.

Право да остварува плата и по престанување на функција му беше утврдено со решение на Комисијата за прашања на изборите и именувањата истото да го остварува заклучно со 18 октомври 2024 година. Јетон Незири е именуван за вршител на должност директор на Јавно претпријатие „Комунална хигиена“ на Скопје, сметано од 8 август. Со решението му се утврдува престанок на остварување на право на апанажа заклучно со 7 август оваа година.

Членовите на Комисијата на седницата денеска ја утврдија и предлог-одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“.

- Реклама -