Од моќните жени на „Манаки“, фестивалот неделава ја претставува Тереза Медина, една од најреномираните кинематограферки во индустријата во областа на филмот, телевизијата, рекламните видеоспотови и документаристиката во Шпанија. Во земја во која се доминантни мажите зад камера, Медина го користи своето искуство и познавање за да ги скрши тие родови стереотипи, со цел да помогне во промовирање на еднаквоста во филмската индустрија и доследно прикажување на шпанскиот филм на меѓународната сцена.
Медина дипломира на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, магистрира на Американскиот филмски институт AFI и на професионалната програма за сценаристи од колеџот UCLA. На 12 години ѝ се раѓа љубовта кон фотографијата и, низ макотрпен процес на експериментирање, открива што функционира, а што не во една фотографија, согледувајќи дека таа има моќ да раскаже приказна. Повеќе од една деценија престојува во САД, каде што работи во рамките на независната продукција и по завршувањето на престојот, се враќа во Шпанија, каде што го применува стекнатото професионално искуство во домашната продукција.