Не ни е потребен дополнителен урбанистички хаос, велат од „О2 иницијатива“

Реакцијата на „О2 иницијатива“ се однесува на измените на Законот за урбанистичко планирање кој во Собрание ќе се најде на седница по скратена постапка

Не може под превезот на „јавен интерес“ да се прави урбанистичко-градежен хаос, реагира „О2 иницијативата“ на предложените измени на Законот за урбанистичко планирање. Од Иницијативата го проблематизираат тоа што беше кажано – дека основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на градење амбуланти, градинки и на катни гаражи, процедури кои биле заглавени неколку години, туку дека со овие измени ќе биде полесно да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде што ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без советот на општина да има право да одлучи со гласање.

Затоа, велат, ова е отворање на врата на самоволие и хаос, што не смее да се дозволи.

„Се споменуваат 600 урбанистички плана заглавени во постапка, а не се спомнува дека изработката на тие урбанистички планови трае повеќе од 4,5 години и тоа по стари неважечки закони и правилници, со неточни параметри, зошто за тој период имаме нови податоци од пописот, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите и сл. Она што Министерството за транспорт, односно оваа влада сака е овие несоодветни планови да си продолжат да се изработуваат според стари неважечки закони и правилници до недоглед и да се донесат со неточни параметри, врз чија основа утре ќе се гради, не земајќи ја предвид сегашната изменета состојба“,

се вели во соопштението.

Оттаму велат дека актуелниот закон не претставува пречка за ова, оти јасно стои дека сите овие планови ќе продолжат да се изготвуваат согласно сегашните законски прописи, а наместо да се ревидира што е планирано од претходно поради климатските промени кои пожестоко напаѓаат, за некој било важно само да се гради.

„Се потенцира дека сосема погрешно во јавноста се интерпретира одредбата каде се вели дека се брише можноста да се донесе урбанистички план без согласност од Министерството за транспорт и дека вистината е обратна, односно се укинува правото “молчењето е одобрување”. Да, точно е дека тој дел се брише за што сме сосема согласни. Но не е точно дека погрешно се интерпретирале другите одредби кои исто така се бришат и за кои реагиравме. Одредбите кои велат дека одлуката со која се донел урбанистички план е ништовна, ако нема добиено согласност од министерството за транспорт, а министерот е должен да донесе забрана на примена на планот во рок од 5 работни дена, се бришат“,

велат оттаму.

Дополнително, од „О2 Иницијативата“ велат и дека се бришат одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност. Наведено е дека оваа одредба не може да се примени поради неусогласност со актуелниот Закон за градење. Урбанистичката усогласеност е од големо значење и наместо да се избрише од законот, потребно е да се измени соодветно Законот за градење. Во спротивно, велат, неусогласени планови ќе се спроведуваат.

За крај се нотира дека урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и не може да се дозволи изработка, спроведување планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи. Заклучуваат дека ситуацијата е доволно хаотична и без тоа, а дополнителен хаос не ни е потребен.

- Реклама -