Американски суд пресуди: Гугл се однесува монополски и ја гуши конкуренцијата

„Гугл“ нелегално ја злоупотребува доминантноста на својот интернет пребарувач за да ја сузбие конкуренцијата и да ги потисне иновациите, одлучи суд во САД што може да предизвика сеизмички промени во технолошкиот свет.

Откако ги разгледале сите докази, вклучувајќи го и сведочењето на високи челници на Гугл, Мајкрософт и Епл во процесот кој започна минатата година, сојузниот судија од Вашингтон, Амит Мехта ја соопшти одлуката.

„Внимателно разгледувајќи ги сите докази и земајќи ги предвид сведочењата, судот дојде до заклучок дека Гугл е монополист и се однесувал во насока да го задржи својот монопол“ напиша Мехта во одлуката која е објаснета на 277 страници.

„Доминацијата на Гугл на пазарот за интернет пребарување е доказ за монопол“ наведува судот, додавајќи дека компанијата контролира 89,2 отсто од пазарот, а кога ќе се земат предвид и мобилните уреди, таа бројка расте на 94,9 отсто.

Долгоочекуваната одлука на американскиот сојузен суд доаѓа една година откако американското Министерство за правда воведе низа мерки и тужби против Гугл во најголемата антимонополска битка во псоледните неколку децении.

Одлуката на судот е огромен удар за Алфабет, во чие сопствеништво е и Гугл и може целосно да го промени работењето на технолошките компании. Експертите ја опишуваат оваа одлука како егзистенцијална закана за Гугл и неговата доминација во пребарувањето на интернет.

Казните и другите правни лекови ќе бидат одлучени на наредното сослушување, но властите барале и „структурно олеснување“, што може да значи и разделување на компанијата.

Од Алфабет најавија дека ќе се жалат на одлуката на судот.

Фото: Shawn Collins/Flickr

„Судот препознава дека Гугл го нуди најдобриот пребарувач, но заклучува дека не би смееле да го направиме лесно достапен“ наведуваат од компанијата.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Американскиот државен обвинител Мерик Гарланд ја нарече одлуката историска победа за американскиот народ.

„Ниту една компанија, колку и да е голема или влијателна, не е над законот. Министерството за правда ќе продолжи силно да ги спроведува антимонополските закони“ истакна Гарланд.

Американските федерални регулатори исто така поднесоа тужба и против други технолошки џинови, како Мета, Амазон и Епл за незаконоско монополско однесување.

Тужителите во случајот против Гугл пред судот изнеле докази дека компанијата методично ја гуши конкуренцијата за да го заштити својот пребарувач, кој стана централен дел од нејзината маркетинг машинерија која генерира речиси 240 милијарди долари приход гоидшно.

„Монополската позиција на Гугл му овозможува да наплаќа на огласувачите неоправдано високи цени за своите услуги, истовремено уживајќи луксуз дека не мора да инвестира повеќе време и пари во подобрување на квалитетот на својот пребарувач“ истакнуваат тужителите.

Аргументот кој судијата Мехта особено го истакнува како проблематичен е тоа што Гугл годишно трошел милијарди долари за да обезбеди дека нивниот пребарувач ќе биде инсталиран како основна опција на паметните телефони.

Во 2021 година компанијата потрошила 26 милијарди долари за кај произведувачите да го обезбеди тој статус на својот пребарувач.

Мехта го наведе примерот на Бинг на Мајкрософт, кој има 80 отсто пазарен удел од корисниците на прелистувачот Edge, за важноста на статусот на „стандардниот“ пребарувач. Судијата рече дека тоа покажува дека другите пребарувачи би можеле да бидат успешни доколку Гугл веднаш не биде понудена како „стандардна“ опција.

Извор: РТС

- Реклама -