Кој беше Ханија, убиениот лидер на Хамас

Хина/Индекс/хр

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, е убиен денеска во Иран, објавија во одвоени соопштенија палестинската милитантна група Хамас и елитната иранска Револуционерна гарда. Исламистичката фракција вели дека жали за смртта на Ханија, кој е убиен во „предавнички ционистички напад врз неговата резиденција во Техеран“.

Ханија вчера присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на Иран. „Рано утринава беше погодена резиденцијата на Исмаил Ханија во Техеран, што резултираше со негово мачеништво и на еден од неговите телохранители. Причината се истражува и наскоро ќе биде објавена“, соопшти иранската Револуционерна гарда.

Се залагаше за вклучување на Хамас во политиката

Како млад човек, Исмаил Ханија бил студентски активист на Исламскиот универзитет во градот Газа. Тој се приклучи на Хамас кога беше основан во 1987 година, по што беше уапсен и накратко депортиран. Тој се залагаше за вклучување на Хамас во политиката. Така, во 1994 година, тој кажа дека формирањето на политичка партија „ќе му овозможи на Хамас да се справи со новите случувања“.

Раководството на Хамас првично ја отфрли идејата, но подоцна ја одобри. Ханија накратко ја извршуваше функцијата палестински премиер – тој беше назначен во 2006 година, но беше сменет една година подоцна откако Хамас го протера ривалот Фатах од Појасот Газа.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

Тој беше избран за шеф на политичката канцеларија на Хамас во 2017 година, а Стејт департментот на САД го прогласи за терорист во 2018 година. Последните неколку години живееше во Катар.

Хамас не се откажа од вооружената борба

Кога новинарите на Ројтерс го прашаа Ханија во 2012 година дали Хамас се откажал од вооружената борба, тој одговори – се разбира дека не. Тој додаде дека отпорот ќе продолжи во сите форми: како народен, политички, дипломатски и воен отпор.

Смртта на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, е „првата голема израелска операција од 7 октомври“, рече аналитичарот за политика и надворешна политика на Си-Ен-Ен, Барак Равид. Иако Ханија не е воено значаен, тој е одговорен за меѓународните односи на групата и е клучен соговорник со египетските и катарските посредници во договорот за заложници и прекин на огнот во Газа, рече Равид.

„Неговото убиство ќе има значително влијание врз тие преговори“, рече тој. Израелската влада гледа на Ханија како на еден од одговорните за нападот на Хамас на 7 октомври, а израелските власти ветија дека ќе ги ловат одговорните за нападот пред 10 месеци, кој сега го втурна Блискиот Исток во конфликт.

МИА

- Реклама -