Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот во однос на преговарачката рамка и уставните измени, кои се услов за продолжување на евроинтегративниот процес дека за нив прифатлива алетнатива е усвојување амандмани на Уставот, но со одложено дејство, односно да стапат во сила тогаш кога за државата ќе биде донесена одлука да стане полноправна членка на ЕУ.

-Јас како човек немам намера да прифаќам грешки од минатото коишто се катастрофални суштински. За жал, тие грешки биле прифатени од некои политичари од меѓународната заедница и сега сите ние сме заглавени. И повеќе од две и пол децении ние сме заглавени. Не сме заглавени сега, повеќе од две и пол децении ние зборуваме за европска иднина, за европска перспектива и за сето тоа и секогаш има уште нешто. Треба истите тие коишто тоа го кажуваат да ни кажат дали сметаат на нас. Ама не декларативно, да покажат со дело. Ако сакаат да покажат со дела еве начин, им дадовме начин. Одложеното дејство е еден од начините, рече Мицкоски на новинарско прашање за алтернативата на постојната Преговарачка рамка, укажувајќи дека за тоа разговарал со сите меѓународни претставници.

Според него, политичарите треба да престанат да прават преседани и да се фокусираат на водење политики, оти, вели, постојат институции кои кажуваат чии права се нарушени.

-Која е причината Бугарите да бидат дел од нашиот Устав? Нека ми објасни некој која е причината и зошто тоа го прифатиле? Дали нечии права се нарушени? Што ќе правиме со 14 пресуди за правата на Македонците во Бугарија, треба некој и за тоа да ни даде одговор затоа што ние сме во Европа. Јас не сум политичар којшто кажува дали нечии права се загрозени или не се загрозени. Има институции и ние политичарите мора да престанеме да правиме преседани. Не сме ние тие коишто треба да коментираат правни акти. Ние сме политичари, треба да водиме политика, да правиме стратегија да се развиваме согласно политиките што ги водиме. Не е тој во Бугарија политичарот дали нечии права се нарушени или не се. Има институција во Европа, се вика Суд за човекови права и таа институција вели – нула пресуди за бугарската заедница во Македонија и 14 за македонската. Еве јас ќе отидам утре во Благоевград кај нашинците од таму кај што беше пред година и пол и тие ќе ми го постават прашањето – добро, од таа страна на границата бугарската заедница е во македонскиот Устав, а ние овдека немаме право невладина да регистрираме. Што ќе им кажам? Што ќе им кажам јас на тие луѓе? Како ќе се чувствувам јас?, кажа Мицкоски.

На прашањето дали ќе побара од македонските граѓани да се откажат од бугарски пасош, тој нагласи дека е тоа индивидуална одлука. Според него, вистинското прашање е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасош пред Бугарија да биде дел од ЕУ и оцени дека зад тоа во најголем дел, стојат економски причини.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

-Бугарскиот пасош не е поради етничка припадност или национална. Јас како што знам бугарски пасоши во Македонија имаат различни етнички заедници во Македонија, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, Влади, Бошњаци, сите имаат поради економски причини, мислат дека на тој начин полесно ќе добијат работната дозвола за да работат во земјите од ЕУ. Треба да ја кажеме вистината. Не затоа што се чувствуваат Бугари, сигурен сум дека не е тоа причината. И сигурен сум дека најголемиот дел од нив утре би се откажале ако не се случеше оваа неправда да две и пол децении чекаме да почнеме преговори. Ако имавме нормален пат како што имаа сите земји членки нови во ЕУ, јас ви гарантирам дека ниту еден македонски граѓанин во Македонија немаше да посака бугарски пасош. Ви гарантирам, ви потпишувам. И ви гарантирам, ако го добиеме заслуженото, имаме ние внатре многу проблеми коишто треба да се решаваат, еве за дел зборувавме и на оваа прес-конференција, но многу повеќе заслужуваме од многу повеќе земји членки коишто станале дел од европското семејство. Првиот ден кога ќе станеме јас ви гарантирам дека тие ќе ги искинат. Ви гарантирам ќе ги искинат. Ова ви го потпишувам, подвлече Мицкоски во изјава за медиумите по средба со претставници на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија .

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Слободна Европа, изјави дека во Брисел нема волја зе менување на Преговарачката рамка. Во однос на уставните амандмани, тој посочи дека веќе имаме решение на маса.

-Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно помеѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа Влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение, рече Гир.

- Реклама -