Гутереш: Човештвото е жртва на екстремна топлотна епидемија

Човештвото е жртва на „екстремна топлотна епидемија“, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикувајќи на мерки за ограничување на влијанието на топлотните бранови кои се зголемуваат поради климатските промени.

– Ако има едно нешто што го обединува нашиот поделен свет, тоа е што станува се потопол … Милијарди луѓе се соочуваат со епидемија на екстремни горештини, изложени на топлотни бранови кои се сè поубиствени, со температури кои надминуваат 50 степени Целзиусови, изјави Гутереш.

Според европската мрежа Коперникус, 21, 22 и 24 јули оваа година биле најтоплите денови досега регистрирани во светот.

„Осакатувачка топлина е насекаде. Милијарди луѓе ширум светот венеат под сè посилните топлотни бранови предизвикани главно од климатската криза предизвикана од фосилни горива. Повеќе од 70 отсто од глобалната работна сила – 2,4 милијарди луѓе – сега се изложени на висок ризик од екстремни горештини. Најпогодени се најранливите заедници“, се вели во повикот за акција на Гутереш објавен од ОН.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Како одговор на брзиот пораст на обемот, интензитетот, зачестеноста и времетраењето на екстремните горештини, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на итни и заеднички напори за зајакнување на меѓународната соработка за справување со екстремните горештини во четири критични области: Грижа за ранливите, заштита на работниците, зголемување на отпорноста на економиите и општествата со користење на податоци и наука, ограничување на порастот на температурата на 1,5 степен Целзиусов со постепено укинување на фосилните горива и зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија.

- Реклама -