СДСМ се враќа во форма, кризата од изборите е надмината – вели Филипче

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека партијата се враќа во форма и дека кризата од изборите е минато. Тој нагласи дека изминатиот период има постојани средби со членови од партијата и оние коишто се активни, и оние коишто се незадоволни од одредени состојби.

Најави дека во текот на летово ќе се формираат работни групи од кои дел ќе бидат сите членови на партијата без разлика дали се во моментов дел од партиските органи. Ќе почнат и подготовките за избор на нови делегати за конгресот на партијата, а тој процес Филипче очекува да заврши до октомври.

Партијата, како што кажа, ќе подготвува нова стратегија за СДСМ, документ што ќе се работи под негово претседателство и со којшто ќе се афирмираат социјалдемократските вредности.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Пратеничката група на СДСМ, како што рече Филипче, изготвила амандмани во однос на ребалансот на Буџетот за кој денеска почнува расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и додаде дека тие ќе се однесуваат на пронаоѓање на средства за оние на коишто во моментов им недостасуваат, а посебен акцент ќе се стави на можностите за зголемување на платите на работниците.

Претседателот на СДСМ ја повика Владата што е можно поскоро во Собранието да го достави законот за заемот од Унгарија, за кој што кажа дека има многу нејаснотии и оти прв пат во историјата се задолжуваме со билатерален заем наместо државата да прибегне кон меѓународните инструменти, кои како што имаат прецизен контролен механизам.

- Реклама -