(ФОТО) Пензионерскиот дом во Чаир почна да се лизга во соседната дивоградба, ги спасува „инвеститорот“

Првиот сосед на пензионерскиот дом „Лика Чопова“ во Чаир се обиде нелегално да гради висококатница, па откако Општината реагираше прекина со градба, но на терен остави огромна дупка

При невремето кон крајот на јуни, дел од оградата на Домот се лизна во дивиот ископ, па сега соседот-инвеститор во бесправна градба доброволно им прави потпорен ѕид. А, нови дождови, веќе се најавени за претстојниот викенд

„Инвеститорот“ на дивото градилиште кое е залепено до домот „Лика Чопова“ во скопски Чаир повторно гради. Но, овојпат, прави бетонски потпорен ѕид кон пензионерскиот дом, откако по невремето кое кон крајот на јуни го зафати Скопје падна претходната ограда, а дел од земјиште се слизна во дупката која незаконски ја ископа за да никне повеќекатница.

Станува збор за ископ од минатата 2023 година, направен без одобрение од општина Чаир. Иако локацијата има предвидено маркица за објект за индивидуално домување, односно приземје, плус два ката, плус поткровје, наместо да се бара дозвола се отпочна со бесправно градење, оти планот бил да никне многу повисока зграда.

Чудо светско

Општината веќе подолго време бара инвеститорот да ја врати површината во првобитна состојба. Тоа не се случи, па невремето направи дополнителна штета.

Станарите во пензионерскиот дом и околните жители во неколку наврати алармираа дека стравуваат за својата безбедност, велејќи дека и темелите на домот се поткопани со обидот за неконтролирано градење. Сега прашуваат, што од домот „ќе се слизне“ во дивиот ископ при следно невреме.

„Поројните дождови ја поткопаа земјата и ја свлекоа оградата од домот. Сите бевме во паника, некои станари велат дека се поткопани и темелите. Остана грда слика. Кој знае што соседот прави сега, дали е цврсто направено и колку ќе додржи. Чудо светско сме ние“,

вели станарка на Домот за „360 степени“.

Се гради потпорниот ѕид

„Откако падна оградата, ние самите побаравме соседите да го дотераат теренот, од нашата страна. Точно е дека работат, но градат потпорен ѕид на наше барање. Доколку не ни ја санираат штетата може да продолжи да се рони земјиште. Ризикот при идно невреме секогаш постои затоа мора да се направи потпорниот ѕид. Нашиот апел е оградата да ни се врати во првобитна состојба. Инаку, други градежни дејствија освен овие не сме забележале“,

вели управителот на Домот, Неваип Рамадани за „360 степени“.

Од Општина Чаир се запознаени дека се работи на терен, но велат поради лизгање на земјиштето при невреме, сега теренот се враќа во првобитна состојба. И тие потврдуваат дека други градежни активности нема.

„Општина Чаир од самиот почеток ги има стопирано сите дејности за градење на сопственикот кај конкретната парцела која се наоѓа во близина на пензионерскиот дом ‘Лика Чопова’. Од лошите временски услови имаше лизгање на дел од земјиштето и ова може да предизвика поголема штета во иднина, затоа инвеститорот/сопственикот моментално работи да се врати во првобитна состојба Општина Чаир нема издадено дозвола за градење и додека не се обезбеди соодветна документација нема да се случи никаква градежна дозвола“,

велат општинските власти.

Кој, како, што

„360 степени“ веќе објави дека на местото каде имаше обид да никне нелегален објект, порано имало барака. Парцелата го носи бројот 4527 и е со површина од 667 квадратни метри. Од нив, 407 квадрати се земјиште под зграда, односно земјиштето под бараката која била на тоа место, а останатите 260 м2 се водат како градежно изградено земјиште. Целото земјиште е во сопственост на Република Северна Македонија, но има промени во сопственоста на објектот, односно некогашната барака.

Според документите од Катастарот, бараката е легализирана во 2014 година и до скоро гласеше на име на извесен Седат Адем. Објектот добил приватен сопственик преку легализација во 2014, а земјиштето под и околу него сѐ уште се води како државно.

Податоците од Катастар покажуваат дека нов сопственик на објектот со намена „стовариште за складирање стока на отворен/затворен простор“, со површина од 394 квадратни метри, е „Аванти систем“ ДООЕЛ – Скопје. Но, контурите на објектот кој почна да се крева на диво најавуваат градба со многу поголема основа од предвидената со Деталниот урбанистички план.

Извадок од Детален урбанистички план

Уште пред да се формализира купопродажниот договор, во октомври преку мејл ги прашавме „Аванти систем“ ДООЕЛ дали тие градат на диво и доколку да – зошто, но оттаму никогаш не добивме повратен одговор.

Инаку, првпат за дивоградбата известивме кон крајот на октомври 2023 година, кога привремено запреа градежните активности. На терен беше тивко сѐ до крајот на јануари, кога соседството алармираше дека на дивото градилиште повторно работат градежни работници.

Тогаш од Општина Чаир ни посочија дека добиле барање за градежна дозвола од „Аванти Систем“ ДООЕЛ, но дека истото е одбиено.

„Од страна на ‘Аванти систем’ ДООЕЛ поднесено е барање за одобрение за градење на објект за домување во станбени куќи на КП 4527 КО Чаир. Од страна на Општина Чаир е разгледано барањето и е донесен заклучок за прекин на постапка поради недостатоци. Заради непостапување по забелешките од страна на Општина Чаир е донесено решение за одбивање на барањето. За катастарската парцела 4527 КО Чаир е донесено решение за отстранување на градбата (да го затрупа ископот), бидејќи е извршен широк машински ископ без одобрение за градба“,

кажаа од Општината за „360 степени“ во јануари годинава.

ДИГУ сака да ги одземе ингеренциите на Општина Чаир

И околните жители негодуваат за дивиот ископ во соседството. Општина Чаир нема овластен градежен инспектор, па локалците случајот го пријавиле и во полиција и до повисоките инстанци, над општината.

„Пријавувано е и во полиција, а поднесовме претставка и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Прашање е зошто не се постапува ако веќе има решение објектот да се врати во првобитна состојба? Не сме сигурни дека решение е тоа што таканаречениот инвеститор тргнал на своја рака да гради потпорен ѕид. Што прават институциите?!“,

прашува жител од соседството, познат на редакцијата.

Се обративме и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) со прашања: дали инспекторатот е запознаен со хаваријата од нелегалниот ископ до пензионерскиот дом „Лика Чопова“,  дали добиле претставка од граѓани и дали ќе постапат по неа. Одговор од ДИГУ нема.

Државниот инспекторат ретко одговара на нашите прашања, но во април годинава, преку Македонската информативна агенција (МИА) лиферувано е соопштение на ДИГУ во кое се вели дека со години наназад, добивале претставки од граѓани и правни лица (вкупно 327) за нелегално градење во Општина Чаир.

Затоа, кон крајот на 2023, направиле вонреден инспекциски надзор во Општина Чаир и утврдиле дека таму нема овластен градежен инспектор, по што до Министерството за транспорт поднеле предлог да се одземат ингеренциите на општината.

„Градоначалникот на Општина Чаир имал законски можности да го избегне овој правен вакуум при што не назначил Општински градежен инспектор кој би го спровел Законот за градење и би спречил бесправно градење во самата општина, и тоа согласно чл.14 од Законот за локална самоуправа можел да склучи меѓуопштински договор со некоја од соседните општини кои имаат oпштински градежни инспектори или да овласти од постојната општинска администрација и тоа согласно чл. 50 став 2 од Законот за  локална самоуправа кој ќе ги врши работите на Општински градежен инспектор… градоначалникот/-иците на Општина Чаир не ги исполниле законските надлежности дадени со чл. 50 став 1 точка 5, точка 12, точка 13 и точка 14 од Закон за локална самоуправа, со што во територијата на Општина Чаир е дозволено хаотично бесправно градење без истите да се санкционират согласно законските одредби од Закон за градење и Закон за инспекциски надзор а во врска со Кривичниот законик поточно во согласност со чл.244-а од истиот закон“,

се вели меѓу другото во соопштението на ДИГУ од април годинава.

Од Општина Чаир за „360 степени“ велат дека ингеренциите не им се одземени, а секаде каде што можат постапуваат по евентуални пријави.

Што ДИГУ како повисок орган ќе преземе по однос на дивото градилиште кое не им дава мир на пензионерите од „Лика Чопова“ и околните станари, засега нема одговор.

А, нови дождови веќе се најавени за идниот викенд.

- Реклама -