Нема да вршиме политички притисок, судиите да го испорачаат тоа за што се платени од граѓаните, вели Мицкоски

Одлуките кои што се носат во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители се одлуки на лицата кои што се дел од тие институции, а предлозите доаѓале од дел Владата, дел од Кабинетот на претседателот. Јас не сакам средби со обвинители или судии. Немам намера како Влада да владееме на тој начин што преку судии и обвинители ќе вршиме политички притисок. Сакамe правда, сакамe за тоа што се платени тоа да го испорачаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој денеска за време на неговата посета во Охрид одговорајќи на новинарско прашање во врска со неговиот неодамнешен коментар за ниската доверба во Судскиот совет, уште еднаш повтори дека довербата во оваа институција е два проценти и оти граѓаните не го добиваат тоа за што плаќаат.

-Два проценти е довербата. Не ја бива работата, не е добро. Граѓаните не го добиваат тоа за што плаќаат. Таму вработените имаат плати илјадници евра, а граѓаните се чувствуваат обесправени дека не владее правдата, дека криминалци стануваат херои и слободни граѓани без разлика дали се тоа политички или друг вид на криминалци. Затоа ние предложивме решение. Јас да имав два проценти рејтинг ќе си заминев од оваа работа, ќе се занимавав со нешто друго, значи не ме бива, рече Мицкоски.

Тој го повтори неговиот предлог да се смени Законот и самите обвинители и судии да си изберат свои претставници во овие две институции, но напомена дека овој предлог наиде на отпор од страна на оној на кого не му одговара промената и е навикнат на истиот принцип како до сега.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ахмети и ДУИ стануваат фактор на нестабилност на дневна основа, но Албанците се свесни што правеа додека беа на власт

-Ние предложивме да ги распуштиме и да го смениме законот, ако е потребно и Уставот и не Владата, не Парламентот, не претседателот, туку самите обвинители и судии да си изберат свои претставници во овие две институции. Тоа беше нашиот предлог. Тој наиде на отпор. Кој создава отпор? Тој на кого што не му одговара промена, тој којшто е навикнат на принципот како до сега. Подготвени сме да разговараме. Но, не сакам да ми бараат средби ниту обвинители, ниту судии. Еве, ми бараа средби – не сакам, нема да примам никого. Треба само за тоа што се платени, а ги плаќаат граѓаните од тешко заработени пари преку даноците што ги плаќаат, додаде Мицкоски.

Прашан во врска со коментарите за наводно постоење на неквалификуван кадар во Владата, Мицкоски рече дека е задоволен од владиниот тим за сега, а за понатаму граѓаните ќе одлучат на изборите.

-Не знам за кои министри мислите дека не се квалификувани за одредени  позиции. Јас сум задоволен од тоа што го добивам овие три недели од луѓето кои што се владиниот тим. Ќе видиме за понатаму. Граѓаните се тие кои даваат суд на избори. Ниту ние политичарите, ниту кој било друг треба да дава суд, граѓаните се тие коишто на избори кажуваат дали некој добро ја работи својата работа или не ја работи својата работа. Така што ќе видиме кога ќе бидат избори. Еве првиот тест ќе биде на локалните избори, граѓаните ќе кажат дали ние добро сме работеле. Тоа е изборот на демократијата во оваа држава, рече Мицкоски.

- Реклама -