Пред неколку дена со одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Друштвото за услуги „Прима Инкасо ДООЕЛ“ од Штип стана првата лоби-организација која е официјално запишана во Регистарот на лобисти, лоби-организации и лобирање дури по две години од неговото формирање, но сигурно далеку од единствената која постои.
Имено, лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на закони, подзаконски или други општи акти, како и јавни политики, односно програми што ги донесуваат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики, односно програми се однесуваат на просторно и урбанистичко планирање, развој и доделување, односно распределба на јавни средства.
Или, пак, со други зборови, лобирањето претставува легален механизам за поткупување и вршење притисок врз политичките чинители во една парламентарна демократија од страна на крупниот капитал, бидејќи во едно капиталистичко општество, владата не е „слуга на народот“ туку „слуга на капиталот“.
Најеклатантен пример за ова претставува студијата на Мартин Гиленс и Бенџамин Пејџ кои преку мултиваријантна анализа на 1799 политички прашања во САД докажале дека обичните граѓани го добиваат она што го сакаат од својата држава единствено ако тоа се поклопува со она што го заговараат елитните или групите од интерес, кои навистина одлучуваат за сè.
Токму поради причината дека лобирањето и лоби групите директно ги подјармуваат демократските принципи на еден политички систем, политичката партија Левица се залага за законски измени за забрана на лобисти и лоби-групи!
Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица