Саранда Мехмеди и м-р Иван Антоновски се првите добитници на стипендијата „Ацо Шопов“, што фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ одлучи ја доделува на студенти од втор и трет циклус, по минатогодишното одбележување на 100 години од раѓањето на македонскиот класик. Кандидатите се избрани едногласно од страна на стручното жири на фондацијата, чии членови се: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (УКИМ), проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска (УГД Штип), проф. д-р Намита Субиото (Универзитет во Љубљана) и Јасмина Шоповa, потпретседател на фондацијата.
Втор циклус
„Ацо Шопов: Антрополошките структури на поетската имагинација“ е темата на магистерскиот труд на поетесата и препејувачка Саранда Мехмеди, студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Трудот има за цел да го истражи творештвото, т.е поетската имагинација на Ацо Шопов од антрополошка гледна точка преку теоријата на францускиот антрополог Жилбер Диран.
Според мислењето на менторката, д-р Маја Бојаџиевска, редовен професор при Kатедрата за општа и компаративна книжевност, со оглед на докажаните квалитети, кандидатката „ќе успее да ги заокружи своите познавања од теоријата на книжевноста и книжевната херменевтика, од една страна, а од друга страна, ќе ги примени тие познавања во анализа на поезијата на Шопов, која минуциозно ја познава, како врз основа на поетската блискост со нашиот голем автор, така и врз основа на нејзината персонална креативност во доменот на поезијата, но и во доменот на поетскиот превод кој претпоставува совршено познавање на албанскиот и на македонскиот јазик“.
Трет циклус
Тезата на м-р Иван Антоновски, докторант на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, каде што работи како асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура, гласи: Современата македонска поезија во генолошки, мотивски и стилски дијалог со средновековната култура.
Во целост посветен на современата македонска поезија, трудот се базира на компаративно проучување на две огромни стилски епохи од македонската книжевност, а притоа „поезијата на Шопов зазема место што е во согласност со Конкурсот за стипендијата“, изјавува менторката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор при Катедрата за македонска книжевност и култура.
– Темата, со својот опфат има речиси енциклопедиски карактер, вели понатаму менторката, упатувајќи на заклучоците на рецензентската комисија избрана од Наставно-научниот совет на Факлултетот, која, познавајќи ги можностите на кандидатот, гледа одлична можност за исклучителен научен труд. Дотолку повеќе што досега „посеопфатни генолошки, а уште помалку проучувања на стилските доминанти и аналогии не се правени. Трудот се базира на обемен корпус, над 500 библиографски единици стручна литература, јасно дефинирана методологија и систем од хипотези, при што за последната хипотеза уште однапред може да се тврди дека е теза: сиот тој интертекстуален дијалог резултира ш појавата на современи македонски канонски поети, такви кои зад себе оставиле ако не цели ‘школи’, тогаш барем следбеници/епигони во смисла на руските формалисти: оние кои ја доработуваат воспоставената канонска форма. Меѓу нив и школата на Шопов“, посочува Мојсова-Чепишевска.
Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска смета дека „преку овој докторски труд може да се очекува исчитување и растајнување на досега малку анализирани сегменти од опусот на Шопов“, а следствено, како резултат од ова истражување, „може да се очекува и одделна монографска публикација за дијалогот на современата македонска книжевност со средновековието преку примерот на Шопов“.
Исплата на стипендиите
Согласно условите на конкурсот, стипендистите наскоро ќе потпишат договор со фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ со кој детално се уредуваат правата и должностите на двете страни. Магистерска стипендија, во износ од 1500 евра, ќе биде исплатена двократно, во текот на една година по доделувањето на стипендијата. Докторската стипендија, во износ од 3000 евра, ќе биде исплатена трикратно, во текот на две години по доделувањето на стипендијата. Одбиените кандидати имаат право да се пријават следните години, и тоа најмногу до трипати.