НАТО ќе ја предупреди Кина за поддршката на руската војна против Украина

Лидерите на НАТО собрани во Вашингтон се очекува да ја предупредат Кина за нејзината поддршка за руската војна против Украина, се вели во подготвениот текст во кој ДПА имала увид.

Кина „стана одлучувачки овозможувач на руската војна против Украина преку нејзиното таканаречено партнерство „без ограничувања“ и нејзината голема поддршка за руската одбранбена индустриска база“, се вели во текстот.

– Ова ја зголемува заканата што Русија ја претставува за нејзините соседи и за евроатлантската безбедност, се додава во документот.

Во документот се повикува Кина да престане со „секаква материјална и политичка поддршка на руските воени напори“. Кина „не може да ја овозможи најголемата војна во Европа во поновата историја без тоа негативно да влијае врз нејзините интереси и углед“.

Прочитајте и:  Анкета на Галуп: Над половина од Украинците сакаат крај на војната со преговори што поскоро, опаѓа оптимизмот за членство во ЕУ и НАТО

Во текстот, исто така, се обвинува Кина за „злонамерни кибер и хибридни активности“ кои ја поткопуваат евроатлантската безбедност и го истакнува проширувањето на арсеналот на нуклеарно оружје на земјата. Кина се повикува „да се вклучи во дискусии за стратегиско намалување на ризикот“, јави ДПА.

- Реклама -