Кога слушам дека новата Влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата се нарекува Република Македонија, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно, не помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време дискусијата со поранешниот амбасадор на САД во Грција Даниел Спекхард во организација на американската тинк-танк Council on Foreign Relations во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека „Северна Македонија сега е земја-членка на НАТО бидејќи Грција го тргна ветото по Договорот од Преспа“, објаснувајќи дека е договор потпишан од претходната Влада, но го почитува бидејќи е „меѓународен договор што ја обврзува земјата“.
-Но, најфундаменталниот аспект на Договорот Преспа е името Северна Македонија кое мора да се користи секаде, и во внатрешноста и надвор. И за ова не се преговара, ова е јасно, се наоѓа во Договорот од Преспа и е нешто за кое Грција не преговара. Кога слушам дека новата Влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата се нарекува Република Македонија, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно, не помага на европскиот пат на Северна Македонија, би рекол дека тоа е непотребна компликација во време кога сите би требало да бараат точки на конвергенција, рече Мицотакис.