Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, излезе од печат поетската книга „Простори“ од македонски режисер, поет и универзитетски професор Антонио Митриќески. Ова е трета стихозбирка на Митриќески кој до сега на читателите им беше познат со книгите „Траги“ и „Патување“.
Антонио Митриќески е широко афирмиран режисер, автор на филмовите „Преку езерото“, „Како лош сон“, „Деца на сонцето“ и еден број документарни филмови, високо оценувани и прикажувани на повеќе фестивали во Европа, Соединетите Американски Држави, Азија, Австралија и Африка.
Во својата рецензија за книгата „Простори“, писателот Димитар Башевски посебно ја истакнува врската меѓу филмското и поетското творештво на овој автор.
-Антонио Митриќески е поет во своите филмови, како што е секако и во поезијата, поет мисловно богат и емотивно раскошен. Својата поезија авторот ја распостила на широки простори, како што сугерира и насловот на книгата, на отворени простори, но и простори подалечни и позатемнети, во просторите на јавето, но и на сонот, на ониричните простори, трчајќи во обидот да се остави лошото зад себе, да се остави болката зад себе, простори низ кои пловат сликите од детството, меѓу кои и татковата куќа, од каде чекори со напор кон иднината, а чекорите кон иднината се поврзани со мудростите што ги дава минатото, но и со товарот што го подразбира тоа минато, со сето она искуство во него, наведува Башевски.