Мицкоски: Жалам што Битиќи не успеал до крај да ја фасцилитира инвестицијата за да биде успешна

Жалам што не успеал до крај да ја фасцилитира инвестицијата за да биде успешна, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи му на поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи кој преку објава на „Фејсбук“ рече дека некој се „кити со туѓи перја“.

Тој истакна дека направиле многу повеќе отколку Битиќи не успеал да направи за четири години, и како што кажа, оваа инвестиција денеска станува реалност.

-Се надевам дека во август ќе можеме да уживаме на нов камен темелник за почеток на нови 110 работни места, десетици милиони извоз и се надевам дека во периодот што следи ќе бидете сведоци на уште такви инвестиции што оваа Влада за неколку недели ќе го направи, тоа што претходната Влада и господинот што тоа го кажува не успееја за четири години да го направат, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена по прес-конференцијата во Владата на која беше објавена новата германско-белгиска инвестиција.

Прочитајте и:  Мицкоски: За македонската економија оваа зима има два предизвика

Откако утринава премиерот Мицкоски на „Фејсбук“ ја објави германско-белгиската инвестиција, поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи исто така во објава на „Фејсбук“ напиша дека инвестицијата е работена од страна на неговиот Кабинет и дека покрај оваа инвестиција има уште шест инвестиции за кои се изработени договорите за поддршка и го чекаат последниот филтер во Комисијата за заштита на конкурентноста, а кои не биле објавени од принципиелни причини и поради изборниот процес.

– Да, да: има разлика! Некој се „кити со туѓи перја“ и ја објавува инвестицијата на EPSOTECH како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период, напиша Битиќи.

- Реклама -