Таравари ги нарече „смешни“ обвинувањата за недоволно вработувања на албански кадар во институции

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ги нарече „смешни“ обвинувањата за недоволно вработувања на албански кадар во институциите низ државава.

Тој денеска беше прашан за коментар на тоа дека од Европскиот фронт го обвинуваат оти не само во здравствените институции, туку воопшто, имало многу малку вработувања на албански кадар.

– Мене ми изгледаат смешни. Кога не се сериозни секогаш се смешни, така што не држат овие работи коишто ги кажуваат. Меѓутоа, ги разбирам, задача на опозицијата е тоа, нека продолжат. Меѓутоа, фактите ќе си кажат како стојат работите, одговори министерот на новинарско прашање, по посетата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Претходно, од ДУИ изразија загриженост за одлуката за назначување двајца етнички Македонци – за в.д. директори на Фондот за здравствено осигурување.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Во друго соопштение до медиумите, ДУИ наведе оти смета дека „не може да помине ден без последователни и скандалозни дејствија за дефакторирање на Албанците во Северна Македонија и систематско девалвирање на Охридскиот рамковен договор од страна на губитниците на изборите и моноетничката власт во земјава“.

– По промената на формулата „Балансер“ и намалувањето на процентот на Албанци од 29,5% на 25%, непочитувањето на резултатите од пописот на населението и бришењето на албанската дијаспора од нивните права, симнувањето на албанскиот јазик од претседателската функција, следниот скандал е не -назначување на албански кадар во Агенцијата за разузнавање, пишуваше во соопштението на ДУИ.

- Реклама -