Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ многу набрзо ќе биде ставен во функција, и тоа првично во Скопје, Тетово и Куманово.
– Сите сакаме ред, кој не сака ред? Сите сакаме да има ред, сите сакаме да спиеме навечер без да има гласна музика, сите сакаме да имаме мир без да „летаат“ со 180 по партизанска и по другите булевари во Скопје. Над 95 проценти од луѓето, па и повеќе, скаат да има ред и поредок. За да имаме ред и поредок, еден од условите што, според мене, треба да ги сториме во иднина е целосна имплементација на „Безбеден град“, првично во Скопје, Тетово и во Куманово. Тоа значи дека секој еден кој поминал на црвено треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој ш6то погрешно паркирал треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој возел со поголема брзина од дозволената треба да биде казнет. Тоа е во интерес на сите граѓани, рече Тошковски.
Пред да биде имплементиран, посочи министерот, потребно е да се направат одредени законски измени и да се дефинираат деталите околу тоа како ќе функционира.
– Ќе се казнува сопственикот на возилото. Да, тука има дали требало така, дали можело така, во многу голем број европски држави е така, и треба да се внимава кога ќе се даде на управување возилото од страна на сопственикот. Има сега тука ако е на правно лице, има работи што ќе треба да се потсредат. Ќе треба да се среди доставата како ќе оди, да не испадне сега дека се изгубиле предметите при доставата и.т.м. Тоа се делови што мора да се имплементираат, рече Тошковски.
Министерот смета дека по неговото ставање во функција ќе треба да има одреден период на предупредување, едукација и превенција. Вели дека најмалку еден месец ќе треба да има силна кампања за да не испадне дека државата има за цел финансиски да ги казни граѓаните.
Тошковски најави дека ќе има и нови вработувања во Министерството за внатрешни работи, но потенцира дека тие ќе треба да се посветат професионално и максимално во интерес на граѓаните.
Министерот за внатрешни работи го објаснуваше новиот проект за Интегриран граничен пристап за гранична безбедност, потенцирајќи дека „знае дека нема ниедна термална камера во функција на северна граница“. Како пример за економска неисплатливост и нефункционалност ја посочи полициска станица Мазрача чиишто 49 вработени, како што кажа, еднаш годишно посетувале девет камења на 39 километри границата, а немале реализации.
-Кога ние можеме да поставиме термални камери, дронови, да употребиме дури и хелихоптери во зависност од ризичноста на конкретната ситуација, кога сето тоа ова би било во рамките на еден интегриран систем, каде би работеле во три смени, на монитори каде со овие камери и дронови би детектирале секој еден периметар што треба да се детектира во рамки на границата, каде би имале мобилни екипи, со нови возила, обучени кадри каде што повторно со Фронтекс би делувале на јужната граница, појасни Тошковски.