Судот во Белорусија денеска во отсуство осуди 20 политички аналитичари на најмалку десет години затвор поради завера за уривање на Владата и поради учество во екстремистички групи.
Сите осудени не живеат во Белорусија, но би биле уапсени ако се вратат во земјата. Меѓу осудените е и Александар Дабраволски, помошникот на опозициската лидерка Светлана Тихановскаја. Тој е осуден на 11,5 години затвор.
Денешните пресуди и казни се продолжение на „немилосрдното задушување од страна на властите“ по масовните демонстрации во земјата за изборите во август 2020 година, на кои многу истакнати опозиционери беа затворени, додека некои беа принудени да ја напуштат Белорусија.
Пресметката со политичките неистомисленици почна по протестот со кој опозицијата сакаше да ги оспори резултатите од изборите на кои шестипат победи актуелниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко.