Министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска, на отворањето на Синдикалните спортски игри на СОНК во Струга, имаше видео обраќање во кое вели има големи планови врзани со подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, како и враќање на дигнитетот и достоинството на наставниците.
– Сакам да знаете дека вие ќе ми бидете најголема потпора и поддршка во следниот период. Имаме големи планови врзани за подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, а во рамки на сето тоа, еден од фокусите ќе биде и враќање на вашиот дигнитет, достоинство и подобар статус во општеството. Ова во видео обраќање пред наставници, истакна Јаневска
Вели основното образование е нејзиниот приоритет и дека ниту една промена нема да се случи без усогласен став со наставниците.
– Основното образование е приоритет, мој како министерка, и на Владата. Но, ниту една промена нема да се случи без вас. Затоа што сте најважната алка во воспитно образовниот процес и јасно е дека ако не сме на иста страна, ако немаме усогласен став, нема да има успех. Затоа најавив и повторувам – ништо нема да правиме без ваша согласност, на сила или пак инкогнито. Помина тоа време, рече Јаневска.
Најави нов колективен договор за основно и средно образование во текот на нејзиниот мандат.
– Ако треба нешто да издвојам, тоа сигурно е потпишувањето нов колективен договор за основно и средно образование и тоа ќе се случи во текот на мандатот на оваа Влада. Пред неколку дена ја остваривме првата средба и начнавме првична дискусија со раководството на СОНК и заедничка заложба е да создадеме повеќе можности за вас, нагласи Јаневска.