Осудените во Украина добиваат ослободување доколку се приклучат во борбата против Русија

Украина ја проширува својата мобилизација за да се справи со недостигот на персонал од првите редови по повеќе од две години борба против руската инвазија и регрутира затвореници на кои за возврат им е ветено ослободување.

Повеќе од 3.000 затвореници веќе се ослободени на условна слобода и распоредени во воени единици откако Парламентот го одобри контроверзниот Закон за мобилизација минатиот месец, изјави заменик-министерката за правда на Украина, Олена Висоцка, пренесе Бета.

Според проценките на Министерството за правда, 27.000 затвореници би можеле да бидат квалификувани за ваква мобилизација.

-Во многу случаи, мотивот доаѓа од затворениците кои сакаат да се вратат дома како херои, а не како криминалци од затвор, рече Висоцка.

Таа посочи дека интересот за програмата за условен отпуст со приклучување војска ги надминал очекувањата и дека може да има пет илјади нови војници.

Иако Украина не го открива бројот на регрути и жртви, командантите на фронтот отворено признаваат дека се соочуваат со сериозни проблеми со работна сила додека Русите ја продолжуваат својата офанзива во источна Украина и напредуваат понатаму на запад.

Прочитајте и:  Турција бара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

Затворениците можат да добијат условно ослободување по интервју, лекарски преглед и преглед на пресудата. Оние кои се осудени за силување, сексуален напад, убиство на две или повеќе лица или злосторства против државната безбедност на Украина не можат да бидат регрутирани.

Доколку ја поминат процедурата, условните затвореници се испраќаат во кампови за основна обука каде што учат како да ракуваат со оружје и други основи на борба. Обуката завршува кога ќе се приклучат на единиците.

Украинските власти прават разлика помеѓу нивната програма и регрутирањето на осуденици во Русија за да служат во платеничката армија на Вагнер. Тие борци обично се вовлечени во најсмртоносните битки, велат официјалните лица, но украинската програма има за цел да ги интегрира затворениците во редовните украински единици на фронтот.

- Реклама -