Мицкоски: Граѓаните да бидат спокојни зголемување на цената на електричната енергија нема да има

Граѓаните да бидат спокојни, зголемување на цената на електричната енергија нема да има и тоа очекувам да го потврди Регулаторната комисија за енергетика, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање, по поставувањето на камен-темелникот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, нагласи дека исполнети се двата услови, односно пратениците вчера го изгласаа дополнувањето на Законот за енергетика, како и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената не електричната енергија.

– Кога го поднесував дополнуавњето на Законот за енергетика имав две пораки. Првата е пратениците час поскоро да го изгласаат ова дополнување, и тоа тие го сторија, и втората порака беше до компанијата која е универзален снабдувач, тоа е „ЕВН Хоум“, да ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и за корисниците од универзалниот снабдувач. Она што го добив како информација дека и двата услови се исполнети. Вчера беше изгласан законот, а од страна на ЕВН добив информација дека е оптимирано до максимум. Сега останува до Регулаторната комисија да одлучи, таа е независен орган, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Вели според неговото предзнаење во областа, не очекува да има зголемување за првата и втората категорија.

– Според моето предзнаење во оваа област не очекувам да има зголемување за првата и втората категорија или тоа би било минимално, односно под 1 отсто или вкупното зголемвуање да биде двојно помало од инфлацијата, односно да се движи од 0 до 1 отсто. Граѓаните да бидат спокојни, зголемување на цената на електричната енергија нема да има, откако овие два услови се усполнети, а тоа очекувам да го потврди Регулаторната комисија за енергетика, рече Мицкоски.

- Реклама -