Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на првиот работен ден од својот мандат остварил работни посети на Одделението за управни работи Скопје во зградата на МРТ и пунктот „Пролет“ со цел непосредно да ја утврди фактичката состојба во делот на издавањето на личните документи. Тошковски во објава на Фејсбук констатира дека повторно е создаден хаос во издавњето лични документи. Тошковски најави интензивни мерки со цел за краток период да се нормализира работата и секој граѓанин да може документ да извади во достоинствена постапка.
-Многу ми е жал што морам да констатирам дека состојбата со издавањето на лични документи не е онаква каква што ја оставивме, односно во овие три недели откако ја напуштив позицијата министер за внатрешни работи во техничката Влада, наместо да е направен исчекор напред, повторно е создаден хаос, работат помал број на шалтери и бројот на луѓе кои чекаат е зголемен, посочува Тошковски во објавата.
Министерот најавува дека ќе се преземат интензивни мерки за краток временски рок за секој граѓанин да го може да го извади својот документ во една достоинствена постапка.
-Министерството за внатрешни работи е сервис на граѓаните и во тој контекст управните служби се една од клучните области и затоа во наредниот период ќе преземеме интензивни мерки со цел за краток временски период да ја нормализираме работата и секој граѓанин да може својот документ да го извади во една достоинствена постапка и во разумен временски рок, пишува во објавата на Фејсбук на министерот Тошковски.