Мицкоски ја презеде премиерската функција

Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери.

На примопредавањето во Владата, Мицкоски и Џафери имаа кратка средба, без изјава за медиумите.

Досегашниот премиер, Џафери, како што информираат од владината прес-служба, му го честитал стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот претседател на Владата, Мицкоски, пришто му посака успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата.

-Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија. Досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Мицкоски, денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.

Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.

- Реклама -